Прилепската чаршија со мајтапот ги бара своите „сеирџии“ заминати на социјалните мрежи

Прилепската чаршија како мудроста на животот и школа за препознатливиот мајтап.

Точно напладне.  Сабота.  Пазарен ден во ПрилепОд памтивека како да е „свадба“. Летна градина наспроти Саат-кулата во Прилеп. Келнерот во слаткарницата прашува: „Што ќе се напиете?“ Одговорот од двајцата гости новинари е: „Минерална вода.“ Едниот додава: „Ама да не е ладна.“ Келнерот, мртов ладен, сериозно одговара: „Ладна е, ама ако сакаш да ја подржиме додека се топли.“

И никој не се почувствува навредено. Та ова е Прилеп, Старата позната чаршија. И уште попознатиот прилепски мајтап. А и кафеанџиите му излегуваат во пресрет на муштеријата: „Ќе му ја потстоплат водата, за да биде задоволно услужен.“

Вака почна, во духот на прилепскиот чаршиски мајтап, разговорот со прилепскиот долгогодишен новинар на „Нова Македонија“, хроничар на Прилеп и човекот кој децении помина со прилепските „чаршиски“ луѓе, Тачко Локвенец. За да ги слушне, да ги регистрира приказните за чаршијата, за прилепскиот еснаф, за духот на тој „прилепски судија“. За сѐ што се случува во градот под Марковите Кули. Градот познат по чаршискиот дух на опстојувањето, според занаетите и, не малку значајниот, мајтап и препознавањето според прекарите. Оти во Прилеп нема да те познаат според името и презимето. Треба да го кажеш прекарот, за да знаат за кого станува збор.

Прилепската стара чаршија повеќе од два века пулсира според „сопствен код“, според сопствениот закон и ракурс. Сѐ се врзува со навалениот Градски саат, кој го отчукува времето што му останува на човекот. Сѐ што се случило во градот, ако не го регистрирала чаршијата, не важи. Не се случило, велат занаетчиите, кои со децении го обликувале духот на чаршијата: калајџии, самарџии, златари, бербери, наланари, кујунџии, свеќари, шивачи.

Прилепската чаршија го дефинирала, го обликувала јавното мислење веќе два века. Како сега социјалните мрежи. Сѐ што е одлучено во чаршијата било закон. Сега сѐ што е кажано на социјалните мрежи – речиси е закон. Порано судот го носел чаршијата (занаетчиите, еснафите). Денес „електрониката“. Чаршијата можела да ја запечати судбината на еден, да му го отвори патот на успехот на друг. Денес тоа е „електрониката“.

Што се случува со чаршијата? Какво е денес нејзиното влијание во јавниот и „моралниот“, па и „прекарскиот“ живот на прилепчани? Со овие прашања го започнавме разговорот за чаршијата, тоа духовно битие на градскиот живот, со хроничарот и новинар Тачко Локвенец.

– Додека порано беше многу тешко да се дефинира Прилепската чаршија, зашто изобилуваше со многу непознати, денес чаршијата може да се дефинира како: корзо, галерија и, еден вид, школа каде што сите го проверуваат своето знаење. Училиште во кое можеш да бидеш „наседнат“, да „те наседнат“, да оформиш бизнис, кој може да не ти оди или да има замав, зависи, пак, сѐ од чаршијата, го почнува „муабетот“ новинарот и хроничар Локвенец.

– Денска се, благо речено, „специфични времиња“. Старите занаети одамна се изумрени, нема калајџии, самарџии, шивачите сега прекројуваат, но не кројат панталони и костуми (треба да се појде во Битола за тоа) и во контекстот на новите времиња, кога младите заминуваат во странство, што загубила, а што добила Прилепската чаршија, го почнува разговорот колегата Локвенец.

Дали чаршијата е веќе осамена, без „мајтап“, а луѓето без занаетчиите, преплавена со трговци?

– Зборот „осамена“ е тежок. Повеќе, можеби, е подзаборавена. Но, најреално е дека во оваа општествена состојба „односот на силите“ е видоизменет. Во која смисла? Чаршијата е далеку од институциите, и тие се далеку од неа. И никој не жали еден за друг. Чаршијата има свој пулс, ритам, независно од која било институција или власт. Но, институциите се тие на кои им недостига чаршијата. Но, тоа не сакаат да го признаат тоа или се оттуѓени од неа. Најмногу, зашто институциите не може сега да кореспондираат со една чаршиска итрина или практика, или доблест што ја носи чаршијата.

Потсетувајќи се на Старата чаршија, Локвенец, низ муабетот, се поздравува со видните прилепчани, нагласува дека чаршијата важеше за школо, за факултет.

– Чаршијата беше школа, научна институција за децата да ги обучи и да ги научи да заземат вистински пат во животот. И карактерно да ги очеличи. Историски, чаршијата и денеска ја поседува мудроста на животот, итроштината, ведрината, зашто Прилеп никогаш не бил здодевен град. Да признаеме „малку“ бил здодевен додека се садел или се нижел тутунот. Но, потоа, во другиот период од денот Прилеп бил прекрасен, духовит и независен град. Зашто, „прилечанецот“ како ниту еден жител на град во Македонија ја чувствувал слободата со сета нејзина силина. И оправданост. Имам свое мислење дека тутунот, од една страна, е тешка физичка работа, а од друга страна, е општествен спас. Прилепчанецот со тутунот нема тутор. Слободен е, но до извесна смисла. Нема кому да му наредува, но самиот си задава задачи да го сработи. Има, во одредена мера, слободарско во себеси, но тука се укотвени зависта, пакоста, лицемерството. Зошто? Секој поединечно се смета за независен, а како колектив сите трпиме. А голема е улогата во таа независност на чаршијата. Главно, еснафот го формирал членството и карактерот на човекот.

Додека Миновци, Аџиилиовци, Бомболовци, познати видни прилепски семејства, успеале да акумулираат пари, не ја поткрепиле формулата за „производството на пари“, другите седеле и не го напуштале Прилеп. Но, во моментот кога „богаташите“ станале „трн во окото“ на обичниот човек, тогаш донеле неотповиклива одлука и го напуштиле градот. Зошто?

– Легендарен е ставот на Петре Мино (од познатото прилепско семејство Миновци) кога среде среда и сабота (пазарни денови во Прилеп) пред бакалницата ручал маслинки и леб. Со тоа ја испраќал пораката – не покажувај го твоето богатство, оти има многу сиромашни луѓе. Пораката е – живеј си поскромно и биди си познат. Но, не наметнувај се со богатството. Сега, напротив, се наметнуваат со богатството. Нешто ги влече да го покажат. Како и со онаа познатата изрека „ако си бил со жена, а да не го кажеш тоа, како да не се случило“, заклучува Локвенец.

Духот на Прилепската чаршија бил и останува мајтапот. Ако не се пошегуваш со некого, не го надмудриш со мајтапот, како ништо да не било. Мора во прилепската берберница да се помајтапат со некого, да му ги заменат купените свежи јајца со варени, да му го рашират шеширот и да го убедат дека ослабел и се „исушил“, да го „избричат насуво“. Тоа се јадрото и духот на чаршијата, оттука и на луѓето. Се загубил ли тој софистициран мајтап, духот на луѓето или се модифицирал во новите времиња, е прашањето што се отвора за карактерите, но и, главно, за новиот начин на животот.

– Регистрирајќи ги временските текови, заклучувам како прилепчнецот да е роден за мајтап. Тоа значи дека прилепчанецот, и покрај сѐ, е весел, издржлив на маката, но и оптимист кој никогаш не посакал да се предаде пред тешкотиите. Штета што нема социолошко истражување за секој град во Македонија, како издржувал против неправдите. И како се соочувал со нив, филозофира Локвенец.

Овде се отвора прашањето за прилепскиот надалеку познат мајтап. Дали се модифицирал на барањето на новото време?

– Мајтапот, кој главно го правеле чаршиските луѓе, во основа, не навредувал. Напротив, посочувал, насочувал и ги коригирал односите помеѓу луѓето. Прилеп ги памети социјализираните, хуманизираните мајтапи. Јас го нарекувам мајтап што ќе те насмее, ќе те освежи, ама и ќе те задума. Денешниот мајтап е нешто друго. Потекнува од стариот мајтап. Стариот беше отворен, разбирлив, а не скриен. Најважно е што и ден-денес чаршијата не ги штеди политичарите. Ама останала лекцијата, стара, „џентлменска“  – не загрозувај го приватниот живот на човекот.

Во среда и сабота во Прилеп мора да бидеш во чаршија. Да те видат и да бидеш виден.

– Тоа потекнува од фактот да те видат и да бидеш виден. Да кажеш и да те слушнат. Со други зборови, сакаш да бидеш присутен. Ако не си, како да си мртов. Ако не те видат во среда и во сабота во чаршијата, ќе се прашаат да не си болен или, не дај боже, мртов. Како да не постоиш, објаснува Локвенец.

Што ѝ се случува денес на чаршијата?

– Прилепската чаршија е видно изменета. На човекот, на семејството, им треба чаршијата. Не оваа чаршија, која е помалку релаксирана, „заскитана“, туку потребна е чаршија што ќе биде присутна. Да ве информира. На пример, ви треба водоинсталатер или електричар. Не можете повеќе да ги најдете во чаршијата. Тие се на некои домашни адреси, што значи адресата, локацијата, се сменети.

Локвенец не прифаќа дека социјалните мрежи го презедоа приматот на чаршиските „муабети“.

– Чаршијата не ги презеде социјалните мрежи. Поединците од социјалните мрежи ја користат чаршијата. И ја злоупотребуваат. Од неа прават „лажни вести“ и прават нешто што чаршијата не го одобрува. Примарно за чаршијата и помеѓу занаетчиите било нешто да произведат, а не интригата и шегите. Денеска во чаршијата го нема занаетчискиот, пријателски однос. Голем број занаети изумреа, остана, главно, трговијата. Изумре и занаетчискиот однос – пријател со пријател. Има многу текстил и трговија, а со тоа и многу нејасни односи. Има и многу конфликти. Тие веруваат повеќе во личните делби на правда. Старата чаршија тоа не го правела. Имала свој личен кодекс на правдата. Не биле пресудни парите, вели Локвенец.

Седиме на „муабет“ среде Прилепската чаршија, центарот на збиднувањата, со децении, во Прилеп. Сега, секој „гледа“ што побрзо да го „фати патот“, да ги вкалкулира идните збиднувања, најмногу можноста за заработка и… толку. Младите заминуваат, возрасните носталгично жалат за одминатите времиња, кога низ мајтап и животни поуки се градела судбината. Денеска, „проклета да е туѓината“ ќе донесе нови перспективи. Или стари јадови?

Сепак, кафе-муабетот среде Прилепската чаршија сѐ уште опстојува. И мајтапот? Среќен знак?

Елизабета Митреска





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.