Таткото на Боки 13 вели дека не чувствува никаква вина за „Рекет“

И таткото на Бојан Јовановски - Боки 13, Миле Јовановски, осомничен во проширената истрага за случајот „Рекет“ изјави дека не чувствува никаква вина, откако излезе од кривичниот суд од кај судијата за претходна постапка.

 

„Не чувствувам вина и не сум учествувал на состаноци за изградба на домови како дел од 'Меѓународниот сојуз'“, рече тој.

 

Покрај Јовановски денеска во кривичниот суд беше и пратеничката Фросина Ременски откако вчера беше објавено од Јавното обвинителство дека истрагата за случајот „Рекет“ е проширена и на „Меѓународниот сојуз“ на Боки 13. Ременски, по еден час поминат кај судијата на претходна постапка за случајот „Рекет“, изјави дека не чувствува вина и дека ќе соработува со Обвинителството со цел целосно да се расчисти случајот.

 

Се очекува во текот на денот судијата на претходна постапка да донесе одлука дали и какви мерки ќе им определи на новите четворица осомничени - Ременски, Јовановски и неговата асистентка, откако вчера на заменик - претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, ѝ беше определена мерка куќен притвор.

 

Јовановски, Ременски, Мандиќ, таткото на Јовановски и Карајованова, според истрагата, биле вмешани во спорен трансфер на околу 720.000 евра преку две градежни фирми до „Меѓународниот сојуз“.

 

Според Обвинителството, првосомничениот Боки 13 како претседател на невладината организација, од Силјан Мицевски, директорот на градежната фирма „Пелистер“, му извлекол огромна сума пари само врз основа на проект за изградба на пензионерски дом во Битола. Вториот бизнисмен за кој Јовановски се сомничи дека извлекол пари на истата основа е Ардијан Амзоски, сопственик на фирмата „Дрим билдинг“.

 

Денеска обвинителството поднесе обвиненија за Бојан Јовановски - Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески - Кичеец за случајот „Рекет“. Тие се обвинети дека изнудувале пари од бизнисменот Орце Камчев за да му биде олеснет неговиот статус за случајот „Империја“ каде тој се јавува како еден од осомничените.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.