(Видео) Пакети со хигиенски влошки ќе се донираат на сиромашни жени и девојчиња

Пакети со хигиенски влошки, кои граѓаните ги донираа денеска на собирен пункт во „Веро Центар“, ќе бидат поделени на жени и девојчиња од сиромашни семејства.

 

Наташа Дуковска од невладината организација „Новинари за човекови права“, која ја организираше акцијата, ја повика бизнис-заедницата да помогне со тоа што секој месец ќе одвојува 1% од својот профит за хигиенски влошки за социјално загрозените девојчиња чии родители не можат да си дозволат да им купат средства за менструална хигиена.

 

„Загрижувачки е фактот дека овие жени и девојчиња наместо влошки, користат стари весници или стари крпи. Не можеме да си дозволиме во 21 век да постои ваква појава. Преку денешната акција и преку проектот сакаме да ја подигнеме свеста не само кај граѓаните туку и кај бизнисмените да донираат не во пари, туку во хигиенски влошки за социјално загрозените жени. Идејата е овој проект да биде одржлив и секој месец  до 2023 да им се донираат пакети на девојчињата кои се во образовниот процес, да го поминат менструалниот период достоинствено и без проблеми“, рече Дуковска.

 

Според истражувањата на оваа организација, дури 90% од девојчињата од руралните средини за време на менструалниот период не одат на училиште, затоа што немаат средства за одржување хигиена.

 

„Едукацијата е иднината на сите наши деца и не би требало во 21 век девојчињата да отсуствуваат од училиште поради хигиенски потреби. Среќни сме што сме дел од овој проект кој ќе помогне децата да не се срамат и достоинствено да одат во училиште“, рече амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, која даде поддршка за проектот за едукација и донација на средства за менструална хигиена.

 

Акцијата, како што вели кординаторката на проектот, Наташа Дуковска, следи по истражувањето кое покажало дека 15% од 400 илјади жени во репродуктивниот период немаат пари да си купат влошки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.