Шекеринска: Одработивме за членство во НАТО, овој успех не падна од небо

Седумдесет години по основањето на Алијансата, стануваме 30, најмлада членка на НАТО, но еднаква и рамноправна, рече на денешната прес-конференција заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

 

„25 земји членки ги завршија ратификациските процедури во нивните парламенти. Синоќа и Соединетите Американски Држави ратификуваа со убедливо мнозинство од 91 глас за, а само два против. Овој успех не падна од небо. Не го добивме како подарок. Го сработивме. Го издејствувавме“, посочи таа.

 

Во своето обраќање Шекеринска зборуваше, за како што рече, успесите кои како Влада ги постигнале во изминатите две и пол години.

 

„Должност на секоја влада е да ги остварува задачите околу кои општеството се обединува, кои се израз на неговата кохезија. Да се биде дел од НАТО чие мото е 'Сите за еден - еден за сите' е не само гаранција за безбедноста и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет туку е и порака кон светот дека ги разбираме и прифаќаме нашите одговорности во регионот и пошироко“, нагласи заменик претседателката на СДСМ, додавајќи дека тоа гарантира придобивки за економијата, граѓаните и државата.

 

Шекеринска нагласи дека во изминативе две и пол години земјава добила големо меѓународно внимание кое, како што кажа, не било можно претходно.

 

„Цели 10 години оваа земја немаше политичка визија, немаше политичко лидерство. Не можете да ја изолирате својата земја а да очекувате влез на инвеститори. Не можете да ја оддалечувате вашата земја од НАТО и ЕУ, а да очекувате пораст на странски инвестиции“, истакна таа нагласувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која 11 години била посветена на криминал, корупција, омраза и поделби, СДСМ како одговорна партија е посветена на развој, економски раст и интеграција.

 

„Ние не нудиме враќање во историјата, туку пат кон иднината, а единствениот пат што води натаму е правиот пат на одговорните политики“, порача Шекеринска и додаде дека заедно со граѓаните на 12 април, СДСМ ќе потврди дека има исправни политики.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.