„Левица“: Владата иницира нова еколошка катастрофа во Пелагонија

„Левица“ предупредува дека на пелагонискиот крај му се заканува нова еколошка катастрофа, откако, како што велат од партијата, Министерството за економија објави неколку јавни повици за доделување концесии за геолошки истражувања на минерални суровини.

 

„Предмет на јавниот повик 3/2019 е доделување на концесија за детални енергетско-геолошки истражувања, односно за ископ на јаглен во период од шест години. Станува збор за локалитетот 'Забрдо' во Општина Новаци, а судејќи според досегашната практика, по овој повик следи и доделување на долгорочна концесија за ископ на јаглен. Ова практично значи дека населените места во општина Новаци, Битола и околината добива уште еден извор на загаден воздух и потенцијален причинител на канцерогени заболувања“, се наведува од „Левица“.

 

Оттаму додаваат дека наместо инвестирање и поттикнување на создавање енергија од алтернативни, еколошки извори, ова е доказ дека Владата и натаму планира ископ на јаглен во Пелагонија и користење на традиционални, високозагадувачки начин на создавање на електрична енергија. Со ова, според „Левица“, не само што се загадува воздухот преку пепелта која потоа небезбедно се складира од РЕК Битола, туку и дополнително се уништува квалитетот на земјоделските површини во околината, но и долгорочно се уништува аграрниот потенцијал на овој регион.

 

„За истата општина, Министерството за економија распиша уште еден повик за доделување на концесија, но овој за експлоатација на минерална вода и CO2. Локалитетот се наоѓа во близина на селата Брод и Бач и концесијата е на неверојатни 30 години! Во повикот 2/2019 се предвидува доделување концесија за детални геолошки истражувања за ископ на мермер во близина на селото Ореовец. Со ова ќе продолжи масовната експлоатација на мермерот во близина на Прилеп од што државата има минимални бенефити“, соопшти партијата.

 

Изминативе нешто повеќе од 20 години како да не беше доволна експлоатацијата и уништувањето на огромни површини за ископ на мермер, па очигледно дека Владата дава „амин” за целосно уништување на околината на Плетвар, велат од „Левица“.

 

„Последниот повик се однесува на уште еден локалитет во општина Прилеп. Станува збор за локалитетот 'Краста' во близина на селото Бешиште каде се доделува концесија за минералната суровина варовник за период од две години. Не само што нема план и намера за заштита на природните ресурси на земјата, Владата, предводена од Зоран Заев има намера во целост да ги уништи и распродаде сите природни богатства заради нечии профити, на ист начин како што бесрамно тоа го направи со уставното име и националните интереси“, се додава во партиското соопштение.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.