Сопругата на Пендаровски и сопругите на амбасадорите се вклучија во акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје“

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со сопругите на амбасадорите акредитирани во државата, и амбасадорката на Украина, активно се вклучија во акцијата за јакнење на свесноста за женското кардиоваскуларно здравје „Црвен аларм за женското срцево здравје“.

 

Со личен пример, преку прегледи и разговори за ризиците од ова заболување, се заложија за промена на погрешната перцепција дека кардиоваскуларните болести се болест ексклузиво само за машката популација. На настанот беше истакнато дека болестите на срцето се за осум пати поголема причина за смртност кај жените во споредба со карциномот на дојка. Токму затоа, превенцијата е од исклучително значење, истата треба да почне што порано во животот на младите жени.

 

Ѓоргиевска посочи дека ова е здравствен проблем и тема што досега се занемарени и се во сенка на други болести кои не се поубиствени од болеста на срцето, но многу повеќе се експонирани и застапени во јавноста низ разни акции.

 

„Јас сум тука заедно со дел од сопругите на амбасадорите, акредитирани во Република Северна Македонија, да дадеме поддршка за акцијата Црвен аларм за женското срцево здравје, која ќе трае во наредните три месеци, до 1 февруари. Сакам да апелирам до жените на  која било возраст да отидат во нивните семејни амбуланти и да извршат скрининг, односно проценка на ризикот за кардио-васкуларни заболувања, бидејќи, за жал, иако сметаме дека карциномот на дојка е еден од најголемите убијци на жената, смртноста од кардио-васкуларни проблеми е драстично поголема. Ако смртноста од карцином на дојка е еден наспрема 31, смртноста од кардиоваскуларни болести е еден наспрема три“, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија.

 

Акцијата ќе се одвива три месеци, до февруари наредната година, поточно до Денот на одбележување на женското срцево здравје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.