Мицкоски: Побарав поддршка за европските интеграции, Туск е подготвен да помогне

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамки на самитот на Европската народна партија во Загреб оствари повеќе билатерални средби.

 

Тој оствари средби со претседателот на Европската комисија и иден претседател на Европската народна партија, Доналд Туск, потпретседателот на Европската комисија за работни места, Јирки Катајнен, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша.

 

Мицкоски на средбата со идниот претседател на ЕПП, Доналд Туск, изрази загриженост за состојбите во Република Македонија, потенцирајќи дека има недостигот на правда, зависен и корумпиран правосуден систем, како и растечката сиромаштија.

 

„Побарав поддршка за Република Македонија на планот на европските интеграции. Туск како пријател на нашата земја изрази подготвеност да помогне на патот кон Европската Унија и градење на продлабочено партнерство и соработка со ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската народна партија. Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите потенцијали и пријателства да се одблокира европскиот пат и да се спроведат реформи кои ќе донесат стандарди, подобар живот и обнова која им е потребна на граѓаните“, потенцираше Мицкоски.

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со Јирки Катајнен, досегашен еврокомесар, потпретседател на Европската комисија за работни места, раст, инвестиции и компетитивност и поранешен премиер на Финска, дискутираше за новите технологии и инвестиции на ЕУ и можностите и перспективите за развој на Република Македонија во оваа сфера.

 

Мицкоски и Пленковиќ ги констатираа одличните односи на двете сестрински партии, при што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја побара хрватската поддршка за европските интеграции на Македонија.

 

„Очекувам одлична соработка на идната македонска Влада со Владата на Република Хрватска и реформи кои ќе нè стават на брза патека кон ЕУ“, истакна Мицкоски.

 

Пред почетокот на самитот Мицкоски оствари средба и со лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, на која двајцата соговорници разменија искуства, размислувања и погледи за иднината на нашите земји и регионот.

 

„Пред нас имаме тешка задача за надминување на предизвиците и обнова која треба да донесе поубав живот на сите граѓани“, заклучи Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.