Милошоски: Го повикуваме СДСМ да ја прифати иницијативата помилувани политичари да не се занимаваат со политика

„СДСМ вчера имаше шанса да усвои какво сака автентично толкување, без да има опструкција од кого било во собраниската Комисија за законодавни правни прашања.

 

Но, очигледно е дека во последен момент, некој подобар правник од министерката Дескоска им укажал дека доколку усвојат автентично толкување дека членот 11 не постои, истото толкување ќе мора законски да се вгради, односно поништи членот 11 во законот за помилување од 1993 година па наваму. И во тој случај единствениот дежурен политичар корисник на политички помилувања господинот Заев ќе паднеше повторно на суд, односно ќе мораше да биде отворен случајот 'Глоба', за којшто аболицираниот Заев беше помилуван во 2008 година“, изјави Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Затоа ги повикуваме уште еднаш, за да нема во иднина злоупотреба на какви било аболиции за политичари да ја прифатат иницијативата за надополнување на Законот за помилување и Законот за избрани и именувани функционери, каде што политичари коишто се помилувани нема да имаат можност да се занимаваат со политика или друга државна или јавна функција.

 

Во овој момент имаме двајца аболицирани политичари коишто се занимаваат со политика, тоа е премиерот Заев и вториот е државниот секретар во Министерството за локална самоуправа од Струмица којшто исто така беше помилуван за случајот „Глобал“ во 2008 година. Сметаме дека на ваквиот начин ќе може не само да се реагира во денешно време и да се превенира злоупотребата на политиката за аболиции, туку ваков еден законски текст и измени би влијаеле превентивно и воспитно во иднина да не можат политичарите да очекуваат аболиција за нешто што го направиле како криминално дејствие во текот на нивното вршење на функцијата“, рече тој.

 

Милошоски додаде дека во 2016 година кога Уставниот суд одлучувал за поништување на дел од измените на Законот за помилување од 2009 година, имало четворица уставни судии коишто имале издвоено мислење, не се согласувале со одлуката на Уставниот суд.

 

„Тие четворица судии се Габер Дамјановска, член на СДСМ, функционер на СДСМ, моментално директор на Академијата за судии и јавни обвинители, уставен судија Исмаил Дарлишта, судија Гзиме Старова, по предлог на претседателот Црвенковски е избрана за уставен судија и господинот судија денес претседател на Уставниот суд, Сали Мурати. Овие четворица уставни судии во 2016 година во издвоеното мислење тврдат дека уставниот суд со укинувањето на дел измените на Законот за помилување од 2009 година го враќаат во правна сила членот 11 врз основа на кој претседателот на државата може по своја оценка, а по интерес на републиката да носи поединечни акти за помилување. Затоа нашето главно прашање до СДСМ е кој го води правниот тим во оваа политичка партија каде што колку што има функционери и правници толку има различни мислења. И оваа правна конфузија во владејачката партија навистина е непотребно да ја внесуваат како правна несигурност во целата држава, а со самото тоа да создаваат и правна несигурност на граѓаните на судовите и на другите институции кои што треба да се занимаваат со вакви важни материи“, додаде тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.