Брисел го потврди ставот дека преговори со Северна Македонија и Албанија треба да има пред самитот во Загреб

Европската комисија (ЕК) го повтори ставот дека пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да почнат што е можно побргу, со оглед дека двете земји ги исполниле условите за почнување преговори со Европската Унија.

 

ЕК очекува дека почнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија би можело да се случи пред самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој е најавен за мај во Загреб. Портпаролката на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Ана Писонеро, истакна дека Комисијата смета оти и двете држави ги исполниле критериумите за почнување преговори.

 

„Комисијата останува на ставот и препораката да се отворат преговорите што е можно побргу затоа што и двете држави го направија тоа што беше побарано и продолжија со реформите“, рече Писонеро, пренесува „Танјуг“.

 

Таа додаде дека ЕК е подготвена и се надева дека тоа може да се случи пред самитот на ЕУ и Западен Балкан во Загреб, но не може да предвиди како земјите членки ќе го третираат прашањето. На неформалната средба на ЕУ со лидерите на Западен Балкан во неделата, претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лаен, истакна дека е во интерес на ЕУ да ги приближи двете земји до Брисел нарекувајќи го тоа приоритет на Комисијата.

 

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави на конференцијата за безбедност во Минхен дека доколку резултатите од вонредните извештаи на ЕК за Северна Македонија и Албанија се позитивни, тој ќе го поддржи почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје и Тирана. Вонредни извештаи за напредок на Северна Македонија и Албанија се очекуваат на почетокот на март.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.