Поради недостиг на обрасци, можно е МВР да забрани поднесување барања за пасоши

Во Министерството за внатрешни работи размислуваат да забранат поднесување барања за пасоши поради недостигот од обрасци за кој техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, вели дека е веќе проблем на ниво на држава.

 

 Ја разгледуваат можноста системот да се стави надвор од функција одреден период поради огромниот број веќе поднесени барања, на кои не може да се одговори.

 

„До овој момент во редовна постапка веќе има поднесено 16.500 барања за пасош. За итна постапка има поднесено 650 барања. Резерва имаме уште околу 3.600/3.700 обрасци за патни исправи. Со оглед на сериозноста на проблемот стапивме во контакт со компанијата ‘Веридос’ и со германската амбасада, а изготвивме и информација до Владата. Баравме Владата да најде начин за надминување на состојбата со оглед на тоа што се работи веќе за проблем на ниво на држава; но, не наидовме на разбирање. Владата го врати проблемот на решавање во МВР. Ние постојано имаме средби, разгледуваме можни решенија. Размислуваме да го ставиме надвор од функција системот за поднесување барања. Денес ќе имаме нови обиди за наоѓање решение, ќе разговараме и за методологијата, која е при крај, приоритет ќе имаат здравствените случаи, таква е состојбата во моментот“, рече министерот Чулев.

 

Новата набавка на 100.000 обрасци за пасоши се очекува на 24 март, но Чулев вели дека успеале да издејствуваат да стигне десет дена до две недели порано.

 

Алармот за недостиг на обрасци за патни исправи Чулев вели дека бил кренат уште во декември.

 

„На 6 декември минатата година во информација до министерот, тогаш Оливер Спасовски, се укажува дека резерва има уште 88.100 обрасци за пасоши. На 8 јануари оваа година ме информираа дека има 27.580 патни исправи и дека има сериозен недостиг на патни исправи. Повеќе од 50.000 обрасци недостигаат за еден месец. Работиме на тоа да ја лоцираме одговорноста за овој недостиг“, рече министерот Чулев.

 

За недостигот од обрасци за пасоши, министерот Чулев на претходните прес-конференции го обвини поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Неговиот тим при анализите на работењето утврди дека има низа пропусти во јавната набавка и сите наоди ги доставиле до Обвинителството.

 

Проблемите со издавањето лични карти и возачки дозволи се надминати со, како што вели Чулев, натчовечки напори.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.