Заев и Ципрас добитници на Меѓународна награда за мир за Преспанскиот договор

Поранешните премиери на Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се овогодишни добитници на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, со која им се дава признание за Преспанскиот договор.

„Алексис Ципрас и Зоран Заев постигнаa дипломатски подвиг со постигнатиот договор за повеќедеценискиот спор околу името на Македонија, давајќи многу значаен придонес за стабилноста на целиот балкански регион“, изјави д-р Рајнхард Зинкан, претседавач на Економската заедница на Вестфалија и Липе.

Во образложението Зинкан нагласува дека и Заев и Ципрас ги ставиле политичкиот контекст и иднината пред личните политички кариери.

„Без Ципрас и Заев, прашањето околу името немаше да се реши и меѓусоседскиот спор ќе продолжеше да го дестабилизира целиот Балкански регион“, вели Зинкан.

Наградата свечено ќе биде доделена на 19. септември, во рамки на Самитот во Минстер, каде што на посебна панел дискусија ќе се обратат двајцата поранешни премиери.

Меѓународната награда за мир на Вестфалија е воспоставена во 1998 година од Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе и се доделува на секои две години. Меѓу досегашните добитници на ова угледно признание се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица, балтичките држави итн..

Паралелно со доделувањето награди на личности или претставници на држави за нивната мировна работа во Европа и светот, наградата се доделува и на млади луѓе кои поставиле пример за политичко, социјално и еколошко помирување. Годинава, покрај Заев и Ципрас, добитник на младинската награда е иницијативата Plant-for-the-Planet.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.