Маж варел кафе на плин и го предизвикал пожарот во Ново Лисиче

Од запалениот стан во Ново Лисиче пожарникарите извлекле петмина, меѓу кои една неподвижна жена и маж, кој од стресот не можел да оди па го симнувале во количка. Неподвижната жена со брза помош е пренесена во болница. Пожарот е изгаснат, а предизвикана е само материјална штета.

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски, вели дека една екипа пожарникари го гасела пожарот, а друга ги извлекувала луѓето од станот. Симоновски вели дека  огнот се раширил од плинска боца на која вареле кафе.

„Мажот варел кафе на плинска боца. Се потпалил чаршафот и од таму огнот се раширил насекаде. Во соседната соба беше неподвижната жена, живее на дијализа со  апарати приврзани за неа. Ја извлековме, докторите ја прегледаа и утврдија дека ѝ треба дополнителна помош. И мажот се пожали дека не може да оди, рече дека не му функционираат нозете поради стресот. Тој е подвижен, прво го изнесовме на балконот, а потоа го симнавме. Во станот имаше петмина“, изјави командантот Симоновски.

Од чадот во паника биле и други станари на зградата. Симоновски вели дека и покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале.

Материјална штета од пожарот, Симоновски вели, има само запалениот стан. Станот до него го провериле и таму немало оштетувања, а на станот над опожарениот само прозорците биле поцрнети од чадот.

Командантот Симоновски вели дека опожарениот стан на булеварот АСНОМ бил од четириесетина квадратни метри и преполн со мебел, па главна грижа им било да ги спасат луѓето и да не дозволат огнот да се прошири во другите станови од зградата.

Пожарот го гаселе 18 пожарникари со пет возила, а пристигнале и две возила на Итна помош.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.