Детската клиника: Родители на бебе кое нема имунитет им се заканувале на лекари, повикана и полицијата

Mедицински тим на Клиниката за детски болести во Скопје деноноќно се бори за најмалите. Нивниот живот за нас е приоритет и тука не треба да има ниту најмал сомнеж, се вели во соопштението на Универзитетската клиника за детски болести - Скопје во врска со настан што се случил на Клиниката, а за кој е објавено видео на социјалните мрежи. Станува збор за бебе кое се лекува на Клиниката, на снимката се гледа дека тешко дише, а родителите реагираат и ги обвинуваат лекарите за состојбата на детето. Од Клиниката тврдат дека станува збор за бебе чија мајка за време на бременоста заболела од варичела. Како резултат на тоа, бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно нема можност да се одбрани од бактерии, ниту од вируси.

Лекарите велат дека имаат целосно разбирање за болката на родителите и дека се со нив последниве шест месеци, но дека не ја разбираат потребата од психичко и физичко насилство врз оние што деноноќно се борат за животот на нивното дете.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението интегрално:

„Во интерес на вистината сакаме да ја информираме јавноста за видеоснимката која денеска родители на нашата пациентка ја направиле на едно од одделенијата на Клиниката за детски болести - Скопје. На снимката се гледа дека бебе, наш пациент, тешко дише и притоа родителите ги коментираат и ги обвинуваат со имиња и презимиња лекарите за неговата состојба. Имајќи предвид дека станува збор за комплексна ситуација, а со цел јавноста да добие целосна слика за случајот со пациентката, сакаме да дадеме и наш став во однос на денешната снимка.

Имаме целосно разбирање за болката на родителите и со нив сме постојано последниве шест месеци. Мајката на бебето во четвртиот месец од бременоста заболела од варичела. Направени се тестирања за можни последици за плодот, а кои семејството никогаш не ги подигнало. И покрај познатите медицински оправдани стравувања за евентуални последици врз плодот, мајката решила да го роди детето, без разлика на последиците. Токму како последица од варичелата бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно со неможност да се одбрани од бактерии, ниту од вируси. Колку е ослабен имунитет покажува и фактот дека од самото раѓање детето било само неколку дена дома во рок од шест месеци. Направени се сите современи испитувања, што само ја потврдуваат дијагнозата дека детето е родено со последица од варичелата додека мајката го носела плодот.

Комплетно ја разбираме нервозата на родителите, се обидуваме да помогнеме колку што можеме, но ситуацијата се менува секојдневно, а грижа за детето има постојано. Во секој момент на располагање се докторите на Клиниката, кои досега повеќепати отворено разговараат со родителите за состојбата на детето. И покрај тоа секојдневно се врши притисок врз персоналот на болницата, проследени со разни навреди, закани за живот и агресија, која кулминира денеска кога обезбедувањето на Клиниката мораше да повика и полициска асистенција.

Како здравствени работници, но и како луѓе, родители, ја разбираме нивната борба за сопственото дете, но не ја разбираме потребата од психичко и физичко насилство врз оние што деноноќно се борат за животот на нивното дете. Во овие тешки времиња за сите здравствени работници сакаме да повториме дека целиот медицински тим на Клиниката за детски болести во Скопје деноноќно се бори за најмалите. Нивниот живот за нас е приоритет и тука не треба да има ниту најмал сомнеж“, се вели во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.