Димитров: Ако веќе не помагате, аман, не одмагајте во вонредна состојба

„Во време кога ресурсите, напорите, вкупната енергија на целата нација се насочени во борбата против коронавирусот, опозицијата се однесува небаре е друг, политички вирус, фабрика за лажни вести, напаѓајќи ги институциите преку ширење клевети и ноторни лаги.

Ако веќе не помагате во време на вонредна состојба, аман, не одмагајте, срамота е“, вели министерот за надворешни работи, Никола Димиров, во врска со тврдењата на опозицијата дека во период на криза, меѓу 17 и 20 март, МНР потрошил онешто помалку од 24 илјади евра (1.457.517 денари) за патувања во странство.

„Денес, наместо целосно да се занимавам со проблеми на граѓани, камионски транспорт, странска помош за кризата, дел од времето морам да го потрошам на зелените (но, не во смисла на екологија) тврдења на опозицијата дека во период на криза, меѓу 17 и 20 март, МНР потрошило нешто помалку од 24 илјади евра (1.457.517 денари) за патувања во странство. Ова е чиста лага. А која е вистината? Јас лично во март немам ниту едно патување во странство. Последното патување на дипломат од МНР во странство е на 3 март. Оттука, МНР меѓу 17 и 20 март за службени патувања има потрошено нула денари.

Приказот од трезорот што го злоупотребуваат се однесува:

1. На претходно реализирани авиокарти на дипломати од МНР во износ помал од 1.500 евра (91.060 денари) и

2. На редовна месечна дознака за патни трошоци на нашите амбасади во светот, на сите 57 дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во износ од приближно 22.000 евра (1.366.457 денари), односно малку под 400 евра по ДКП. Трезорот со самото дозначување на овие средства од МНР до ДКП ги смета како веќе реализирани трошоци, иако реално тие се реализират сукцесивно во текот на месецот, од секое ДКП посебно, за извршување на своите редовни задачи“, вели Димитров.

Според него, ова е тотално редовна активност и навистина згрозува фактот што се злоупотребува од луѓе што ја разбираат, кои точно знаат за што се работи и сепак одлучиле да манипулираат и да лажат, во време кога МНР е едно од клучните алки во борбата против маката што нè снајде“.

„Овие обиди за саботажа, овие гнасни игри, нема да дозволам да фрлат дамка врз работата на Министерството. За оваа пропаганда, ќе поведам соодветни постапки. Во неделата кога татковината се зачленува во НАТО, кога ЕУ одлучи да почне пристапни преговори - национални стратешки интереси со децении - можеби и ќе беше премногу да се очекува 'здружението' да успее да се издигне и да честита на историскиот успех.

Но, минимум достоинство и човечки вредности ќе наложат воздржување од лаги, барем додека трае оваа битка, во која, за жал, очигледно коронавирусот не им е единствениот непријател на македонските граѓани и на државата“, додава тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.