Нови телефонски линии за психосоцијална поддршка на родителите и децата

Во соработка со Министерството за здравство и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија, УНИЦЕФ денеска отвори две нови телефонски линии за поддршка на менталното здравје и психосоцијална поддршка на тинејџерите и на нивните родители и на родителите на деца со попреченост погодени од кризата со Ковид-19.

Ова е дополнителна поддршка на веќе воспоставената телефонска линија на Универзитетската клиника за психијатрија за родителите на децата од предучилишна и училишна возраст која сега е отворена и за самите деца на училишна возраст.

„Сакаме да ги охрабриме родителите и децата да разговараат за сите прашања и проблеми. Нормално е тие да имаат различни реакции на Ковид-19 како што е нормално да се борат да го задржат чувството на нормалност дома. Во оваа ситуација, децата и тинејџерите може да се чувствуваат тажно, изолирано, па дури и луто. Со телефонските линии ќе им се понуди поддршка на родителите околу олеснување на продолжениот стрес и ќе им се помогне на децата и тинејџерите да изградат издржливост за снаоѓање во стресни ситуации, особено сега кога им е сменета секојдневната рутина и мораат да останат дома“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Освен непосредните здравствени проблеми, кризите како пандемијата на Ковид-19 може да предизвикаат пошироки ефекти врз децата и нивните семејства, како што се вознемиреност и страв од непознатото. Главната цел на новите услуги е да се обезбеди советување и поддршка за да се спречат второстепени ефекти од епидемијата, како што се запоставување на децата, недостиг на родителска грижа и поголема изложеност на насилство во семејството.

„Освен одговорното постапување за заштита од вирусот, треба да се погрижиме да бидеме безбедни и од второстепените негативни ефекти коишто пандемијата може да ги има врз нашето ментално здравје. Континуираниот стрес и анксиозност може значително да се одразат врз нашиот ум и способност да се одбраниме. Од огромно значење е сериозно да ги сфатиме нашата и благосостојбата и менталното здравје на нашите деца и да побараме поддршка“, изјави Венко Филипче, министерот за здравство.

„Актуелната пандемија на вирусот Ковид-19 ни ја зголемува свесноста за грижата за здравјето на нас и нашите деца. Но, покрај физичкото здравје, во вакви услови е од особена важност да обрнеме внимание и на грижата за менталното здравје, да ја развиваме отпорноста и поврзаноста во рамките на семејството, да ја искористиме оваа несакана состојба како можност за подобрување на ментална благосостојба пред сè на младите,“ рече професорот Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија.

УНИЦЕФ соработува со стручните лица од Универзитетската клиника за психијатрија со цел да се стават на располагање информативни видеа, сесии со прашања и одговори и поткасти за да им се помогне на родителите и децата подобро да се справат со анксиозноста и стравот поради Ковид-19 и да се фокусираат на својата благосостојба.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.