Филипче: Станавме дел од два значајни меѓународни проекта за борба против коронавирусот

Од денеска Република Северна Македонија е една од земјите во кои ќе се спроведуваат два значајни меѓународни проекта за борба против коронавирусот, соопшти ресорниот министер Венко Филипче на попладневната прес-конференција.

Како што рече тој, Светската здравствена организација го потврдила учеството на нашата земја во програмата „Солидарност“, што претставува голема меѓународна студија дизајнирана да даде податоци за најефикасен треман во лекувањето на пациентите со Ковид-19.

„Целта на студијата е во рамките на дефинирани протоколи да се следи ефикасноста на пет терапевтски опции, со кои ќе се лекуваат пациентите заразени со коронавирус“, посочи Филипче.

Се работи за мултицентрична програма во која досега се вклучени земји од сите страни на светот, меѓу кои: Аргентина, Бахреин, Канада, Франција, Иран, Норвешка, Јужна Африка, Шпанија, Швајцарија и Тајланд.

Од денеска во рамките на Министерството за здравство почна и онлајн тренинг-програма COVID 19 Response Training наменета за здравствените работници.

„Тренингот е развиен од страна на Project HOPE заедно со Brown University од САД и е базиран на препораките на СЗО за справување со ширењето на болеста и заштита на здравствените работници, а во моментот нашата земја е меѓу првите земји во Европа во кои почнува програмата“, рече Филипче.

На нашиот Клинички центар тренингот ќе го следат 20 доктори и 20 медицински сестри, кои стекнатото знаење од експертите од САД и универзитетот ќе им го пренесат и на своите колеги, и тоа не само во институциите во Скопје туку и во државата, во сите јавноздравствени установи, каде што има персонал кој може да дојде во контакт со пациенти позитивни со Ковид-19.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.