Извршен вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести

Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април извршил вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести со цел да се провери почитувањето и примената на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници.

При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат ваквите препораки, како и дека постои соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект.

Во извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од Ковид-19 и во моментот на надзорот имало вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор биле 11, но и дека има уште слободни респиратори и болнички легла.

„Влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и лична заштитна опрема, која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија и сл.)“, се наведува во инспекцискиот извештај.

За време на вонредниот инспекциски надзор утврдено e дека пред влезот во филтер-зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.

Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер-зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце, согласно протоколот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.