Посебен режим на движење за лицата со попреченост и земјоделците за време на полицискиот час

Владата вчера на седница дозволи посебен режим на движење за лицата со попреченост.

 

За нив нема да важи забраната за движење во периодот од 19 до 20 часот, од понеделник до петок, а за викенд од 11 до 13 часот и за тоа нема потреба од вадење посебна дозвола туку лицата ќе треба со себе да имаат документ/наод за попреченоста.

 

Оваа мерка за дозвола на движење за лицата со попреченост се однесува и на лицата што ги придружуваат овие граѓани за време на дозволеното движење во наведените временски периоди.

 

Земјоделците што имаат работни обврски на своите земјоделски површинии и на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење без да вадат дозвола, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.

 

Земјоделците, пак, чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село, да сообраќаат по регионален пат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење. Вадењето дозволи за оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата каде што им се наоѓа земјоделската површина или фарма, ќе се спроведува како и досега, преку испраќање податоци до подрачните единици на Министерството за земјоделие. Сите досега издадени дозволи продолжуваат да важат до крајот на вонредната состојба.

 

МВР напоменува дека строгo се забранува издавање дозволи за движење на земјоделци кои имаат навршено и над 67 години. Тие треба телефонски да се јават во подрачната единица на Министерството за земјоделие и да пријават еден помлад член со кој се во роднинска врска (син, ќерка, зет, снаа, внук) и на тоа лице ќе му биде издадена дозвола за движење. Право на движење има само еден член на земјоделско стопанство.

 

Барањата за дозвола се доставуваат по телефон или на е-пошта до подрачната единица на МЗШВ, од понеделник до четврток, најдоцна до 12 часот. Готовите дозволи се печатат од страна на вработените во подрачната единица и им се даваат на земјоделците. Издадените дозволи за движење на земјоделците важат до крајот на вонредната состојба. Право на издавање дозвола имаат само евидентираните земјоделци во Единствениот регистар на МЗШВ. Фирмите чија дејност е поврзана со земјоделско производство имаат право самите да издаваат потврди за движење на своите вработени.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.