Откриен случај на болеста њукастел во земјава, АХВ најави засилени мерки

Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за воведување заштитни, контролни и дополнителни мерки, со цел контрола и спречување на ширење на вирусот на болеста њукастел кај живината, која на осми овој месец од страна на Факултетот за ветеринарна медицина е лабораториски потврдена во одгледувалиште на бројлери во општина Гази Баба.

Од АХВ истакнуваат дека болеста не е зооноза, односно не се пренесува и не е опасна за луѓето.

Во одгледувалиштето наложено е убивање и нештетно уништување и на угинатата живина, како и повлекување и уништување на дистрибуираната количина месо од живина кое потекнува од ова одгледувалиште.

Од АХВ информираат дека е наложено и отстранување или спроведување соодветен третман на секоја супстанција или отпад, храна за животни, шталско ѓубре на фармата, кои може да бидат контаминирани.

„Во одгледувалиштето ќе се спроведе епизотиолошко испитување и утврдување на евентуалната контаминација со овој вирус и на соседните одгледувалишта. Одгледувалиштето, возилата за превоз и опремата, наложено е темелно да се исчистат и дезинфицираат. Нова живина нема да смее да се внесува пред истекот на 21 ден од спроведувањето на мерките за дезинфекција, односно сè додека официјален ветеринар не го прогласи одгледувалиштето за слободно од болеста“, соопштија од АХВ.

Од таму најавија дека контрола и мониторирање од страна на официјалните ветеринари ќе се спроведе и во зоната под надзор која ги опфаќа населените места Петровец, Илинден и Кисела Вода, како и во општините Зелениково и Студеничани, кои со ова решение се дефинирани како зона под ограничување.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.