Караџовски: Памет во глава, сите сме потенцијална жртва на вирусот

Топлото време не го убива вирусот, а за оние кои не веруваат дека постои, епидемиологот Жарко Караџовски препорача да се стават во улога на семејствата кои изгубиле близок поради вирусот за да се уверат во неговото постоење. Караџовски уверува дека здравствените институции се под контрола, а здравствените работници веќе имаат тримесечно искуство со вирусот кое ги прави подготвени навремено да реагираат.

„ Слушам разни шпекулации дека вирусот го нема, дека умрел, дека ние измислуваме... Ве молам ставете се во улога на фамилија која изгубила некој најдраг. За тие фамилии болеста е сто отсто смртоносна. Што можеме да очекуваме? На јужната хемисфера во моментов Бразил е држава број два. Ако САД се број еден, Бразил во моментов со 270.000 случаи, кој е на јужната хемисфера, значи топлото време и сувата клима не го убива вирусот, имаат по 1000 мртви секој ден. САД, иако најмоќна држава во светот се уште кубурат со здравствен персонал, со болници, со институции кои ќе пружат здравствена заштита и нега“, рече епидемиологот Караџовски.

Тој тврди дека здравствениот систем е спремен доколку се отворат границите да има повеќе институции кои ќе тестираат но повтори дека битката не е завршена. Побара доследно да се почитуваат превентивните мерки односно дистанцата, носењето респираторна маска како и дезинфекција и често миење на рацете.

„Ќе ми речете – чекајте докторе, во 21 век ми кажувате методи од 19 век? Ве молам, секаде во светот е иста мерка. Додека не се измисли вакцина, никој не измислил поинаква мерка. Вирусот го уништува често миење раце, дезинфекција на раце и она што го велиме ние – памет во глава. Не можеме да се надеваме дека вирусот некого од нас ќе го заобиколи, сите сме потенцијална жртва“, предупреди Караџовски.

Во следниот период Караџовски најави дека ќе се направат околу 10.000 тестови преку масовно тестирање на здравствените работници, на таксисти, возачи во јавниот превоз вработени во армијата и во полицијата на ист начин како што се врши тестирањето на вработените во градинките.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.