СДСМ посочува на одговорност кај министерот Чулев за зголемувањето на бројот на новозаразени

Наместо да работи на почитување на мерките од страна на граѓаните и санкционирање на прекршувањата, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во време на епидемија со коронавирусот, се однесува неодговорно и несериозно, а приоритет му е одбрана на неговиот шеф Мицкоски за случајот со теретаната, а не заштита на јавното здравје, велат од СДСМ преку соопштение.

Од владејачката партија нагласуваат дека изјавата на Чулев оти граѓаните не треба да бидат казнувани заради непочитување на мерките и задолженијата придонела за масовно непочитување на мерките од страна на граѓаните.

„Полицијата предводена од Чулев не презеде ништо ни кога се прекршуваа забраните за собири, кога масовно се прекршуваа забраните за движење, а и самиот Чулев организираше јавни собири без почитување на мерките. Сега, за жал, стигнува сметката за неказнувањето и неработата на Чулев преку зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус во земјата. Ова е само уште еден доказ за несовесното и незрело однесување на Чулев и ВМРО-ДПМНЕ кои на овој начин дејствуваат против јавното здравје. Чулев по налог на Мицкоски не само што не помага, туку и одмага во борбата против коронавирусот“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека изборите се решение за незрелото, неодговорно и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и неговите кадри во техничката влада. Од СДСМ порачуваат дека на државата и се потребни институции со полн капацитет кои ефикасно ќе се справат со последиците од актуелната пандемија, но и ќе бидат подготвени за новиот бран кој по сите најави се очекува наесен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.