Заев: Чулев дозволи непочитување на мерките и затоа имаме зголемен број на заразени

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го обвини техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев дека дозволил граѓаните да не ги почитуваат мерките и препораките, а со тоа, го загрозил нивното здравје. Поради таквото однесување на Чулев, според Заев, има зголемен број на новозаразени од коронавирусот.

„Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, дозволи непочитување на мерките и препораките и го загрози здравјето на граѓаните. Овие денови ги гледаме последиците од оваа неодговорност, имаме нов број на новозаразени од вирусот. Но, здравствените институции имаат капацитет и ќе се справат со оваа ситуација. Многу е важно да разбереме дека вирусот е тука и сите мора да ги почитуваме мерките за заштита“, рече Заев.

Тој додаде дека наместо конструктивна критика од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните биле сведоци на црни кампањи со лажни вести, клевети и инсинуации.

„За жал, како што Мицкоски се обидуваше да ги поткопа напорите да зачекориме на сигурен и стабилен пат кон ЕУ и НАТО, така сега се обидува да ги поткопува здравствените напори за борба против пандемијата, како и довербата на граѓаните во здравствениот систем. Наместо конструктивна критика од страна на опозицијата, во овие три години бевме и сеуште сме сведоци на црни кампањи со лажни вести, клевети и инсинуации“, додаде Заев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.