Мицкоски: Катастрофата во здравството се пресликува и во економијата

Катастрофата во здравството, се пресликува и во економијата. Таму работите се подеднакво драматични, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој кажа дека на почетокот на годината изработен е план и динамика за наплата даноците и тогаш Управата за јавни приходи во првите 5 месеци почнувајќи од 1 јануари, а завршувајќи со 31 мај испланирала дека ќе наплати речиси 38,5 милијарди денари, а реализацијата за истиот период е 29 милијарди денари.

Според Мицкоски, ова значи дека потфрлањето од почетниот план кој што го планирала УЈП на почетокот на годината е цели 25 проценти, а не како што тоа го кажувал ресорниот министер.

„Понатаму само во месец мај на почетокот на годината УЈП предвидело дека ќе наплати 7,577 милијарди денари, а успеало да наплати нешто помалку од 4,5 милијарди денари. Што значи дека потфрлањето е повеќе од 3 милијарди денари само за месец мај“, кажа тој.

Мицкоски рече дека во мај кога бил донесен ребалансот било планирано УЈП да собере нешто повеќе од 6,5 милијарди денари, а, како што кажа, успеале да соберат под 4,5 милијарди денари.

„Или во месецот кога е правен ребалансот на буџетот потфрлањето, неспособноста и некадарноста на раководните лица во УЈП и министерството за финансии е толку големо што и тука прават грешка од повеќе од 2 милијарди денари“, кажа тој.

Според Мицкоски, индустриското производство се движи во амбис.

„Индустриското производство во 4 месец од годината има намалување за цели 33,5 проценти, а она што учествува најмногу во градењето и модирањето на индустриското производство е практично преработувачката индустрија. Таа има пад од цели 40 проценти. Истовремено бројот на вработените во индустријата во месец април е намален за 5,1 процент, а од почетокот на годината бројот на работниците во индустријата е намален за цели 4 проценти“, кажа тој.

Според него, последниот индикатор кој кажува дека состојбата во економијата е алармантна е полнењето на буџетот во првите пет месеци.

„Имено, како стојат тука работите, капиталните инвестиции оние кои што апелираме од почетокот на годината да бидат робусни, интензивни бидејќи само на тој начин може да го одржиме реалниот сектор здрав, се катастрофални. Односно нивното ниво не надминува 60-тина милиони евра во првите пет месеци. Тоа е за некаде околу 18.5% од планот кој што е предвиден со ребалансот на буџетот“, рече Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.