Мицкоски: Подготвени сме да преговараме со ДУИ, но не прифаќаме премиер Албанец

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вчеравечер по изборниот ден не ѝ се обрати на јавноста и денес за првпат ги искоментира резултатите, рече дека СДСМ добил повеќе гласови како резултат на поткуп и притисоци.

 

Тој посочи дека е подготвен да преговара со ДУИ, но нема да прифати премиер Албанец.

 

„ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина. Ова е резултат постигнат во тешки околности, силни притисоци и бројни нерегуларности. Власта спроведе масовен поткуп. Сајтот на ДИК не работи, а добиваме податоци дека гласовите се сомнително броени. Сето ова ми дава за право да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата влада. Јас сум оптимист бидејќи постапуваме чесно и одговорно. Ова е тешка битка и со вас, граѓаните, ќе победиме. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила, ова е партија на народот. Притисокот и масовниот поткуп резултираа  со 10 илјади гласови повеќе за СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет за состав на новата влада. Преговорите допрва ќе почнат. Јас под услови не работам. ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ има помалку 10.000 гласови од коалицијата СДСМ и Беса“, рече Мицкоски.

 

На прашање дали е можна коалиција со СДСМ и Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема намера да коалицира со луѓе кои се осомничени за криминал, но не сакаше да каже дали вчеравечер контактирал со некој од лидерите на партиите од албанскиот блок.

 

„Не направивме предизборна коалиција со политичките партии од албанскиот блок, но не значи дека нема да направиме постизборна коалиција. И во 2016 и овој пат,коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има повеќе пратеници од коалицијата на СДСМ. Додека народот ја дава поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе се бориме за народот“, додаде Мицкоски.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ќе поднесат преговори до ДИК за изборите, но не кажа колку и на што ќе се однесуваат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.