Ковид-19 најризичен за постарите лица, почитувањето на мерките за заштита е клучно за нивна заштита

Ковид-19 е акутна респираторна болест предизвикана од SARS CoV-2 вирусот што предизвикува поголема смртност кај лица на возраст од над 60 години и кај лица со основни медицински состојби како што се кардиоваскуларни заболувања, хронична респираторна болест, дијабетес и карцином.

Објектите за долготрајна нега, како што се геријатриските болници, хосписите за палијативна нега, старечки домови и рехабилитациони центри, се објекти што се грижат за луѓето кои страдаат од понапредната возраст со бројни коморбидитети и затоа заштитата од ширење и пренесување на ковид-19 е исклучително важна.

„ Лицата кои се лекуваат и престојуваат во установи за долготрајна нега се ранливи популации кои се изложени на поголем ризик за неповолен исход и за инфекција поради престој во близина на други лица. Затоа овие установи мора да преземат посебни мерки на претпазливост за да ги заштитат своите корисници на услуги и вработените. Особено е важно спречување на инфекција и контролните активности може да влијаат на менталното здравје и благосостојба на корисниците на услуги и вработените, особено употребата на лична заштитна опрема и ограничувањето, односно забраната на посетителите и групните активности.“ – посочуваат од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ - Скопје.

Во моментот во установата има полн болнички стационар од вкупно 300 легла, а исполнети се вкупно 269 болнички кревети. Се спроведуваат строги протоколи и засилени заштитни мерки за безбедност како на корисниците на услуги, така и на болничкиот персонал. По кусиот прекин, веќе од 1 јуни установата започна повторно со прием на пациенти со посебна процедура која опфаќа тријажа на корисниците на услуги со цел да се заштитат останатите штитеници од влез на вирус од надвор.

Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“- Скопје изработи и ги спроведува упатствата кои овозможуваат безбедна долготрајна нега на корисниците на услуги во координација со Министерството за здравство и тоа како во однос на превенцијата преку едукација на корисниците на услуги и персоналот, задолжително користење на лична заштитна опрема и зачестена лична хигиена и дезинферкција, така и во однос на физичката поставеност и сместување на пациентите и начинот на извршување на групните активности, контрола и засилен надзор за рана детекција на евентуален случај на Ковид-19 заболен, како и во однос на грижата за Ковид-19 пациент и превенција на понатамошна трансмисија. Со доследно спроведување на сите мерки за заштита од ширење на вирусот, институцијата е безбедна. Од почетокот на пандемијата со Ковид-19 вкупно регистирани заболени во установата биле 5 вработени и 4 корисниците на услуги, а доследното почитување на мерките спречи ширење на вирусот во рамки на установата.

Со оглед што вирусот Ковид-19 е опасен за постарите лица кои вообичаено имаат и други коморбидитети, од здравствената установа апелираат за целосно почитување на мерките за заштита – носење на маска, одржување на дистанца и зачестена хигиена на раце, како од страна на повозрасните граѓани, така и од страна на помладите за да се заштитат нивните најблиски кои се најранливи.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.