Напладне конститутивна седница на новиот парламентарен состав

Денеска напладне треба да се одржи конститутивна седница на новиот парламентарен состав, по предвремените избори коишто се одржаа на 15 јули. Со седницата, која е закажана за во 12 часот, треба да претседава досегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, кој вчера ја напушти Инфективната клиника во Скопје.

Седницата ќе се одвива според здравствени протоколи и критериуми за да се намали ризикот од евентуално ширење на коронавирусот. На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

За да се запази физичка дистанца, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието (Голема купола). На пратениците ќе им биде обезбедена заштитна опрема, а гласањето ќе се одвива рачно (со картончиња). Од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на МРТ.Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Според Уставот, претседателот Стево Пендаровски е должен да му го довери мандатот за формирање влада на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот потоа има рок од 20 дена да формира влада. Ниту една партија сама го нема потребното мнозинство.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15-ти јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата АА и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.