Димитров од Брисел: Северна Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утрово во Брисел имаше средба со државниот министер за Европа на Германија, Михаил Рот, во рамките на првата посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата по нејзиното формирање.

На средбата што се одржа непосредно пред одржувањето на Советот за општи работи на ЕУ, со кого претседава министерот Рот, се разговараше за одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германсото претседателство.

Соговорниците се согласија дека оваа заедничка цел ќе претставува и заеднички успех на Северна Македонија, ЕУ и Германија, како актуелен претседавач со Унијата.

„Пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома. Северна Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото“, кажа Димитров.

Од германска страна беше истакнато дека првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ.

Средбата беше искористена и за подготовки на посетата на вицепремиерот Димитров на Берлин, којашто е предвидена да се реализира следната недела, на покана на министерот Рот.

На маргините на Советот за општи работи вицепремиерот Димитров имаше куса средба и со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.

Посетата на Брисел продолжува со средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.