Николоски: Заев нема да ме замолчи да зборувам за „Рекет“, денес ме тужеше, а не дојде на суд

Денес најмоќниот човек во државата, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ме тужи за клевета, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, додавајќи дека во демократскиот свет не е видено премиер да тужи за клевета потпретседател на најголемата опозициска партија.

Се работи за негова изјава дадена на крајот на август 2019 година.

„Тогаш во изјава за јавноста споделив дека до нас доаѓаат сознанија дека е рекетиран бизнисмен. Во јавноста  се тврдеше дека се работи за само еден бизнисмен, дека се рекетирани многу повеќе средства од тие  што тогаш беа споменувани, дека се работи за  сума приближно над 20 милиони евра и дека таа операција не може да ја завршат двајца или тројца луѓе, дека е добро организирана операција и дека на врвот на таа пирамида стои Зоран Заев и СДСМ. Времето по таа изјава ги потврди овие мои наводи во јавноста. Да е апсурдот поголем, иста таква изјава дадов и на 10 август 2019 година, значи 18 дена пред да ја дадам изјавата за којашто сум тужен“, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека изјавата не била демантирана, а семејството Заеви биле опседнати со него бидејќи претходно за клевета бил тужен и од Вице Заев.

„Она што исто така е забележително и во претходниот и во овој случај е дека како што не се појави Вице Заев на рочиштето на кое ме тужеше за клевета, на ист начин денес Зоран Заев не се појави на рочиштето на коешто ме тужи за клевета. Напротив, избра да испрати адвокат од најскапата адвокатска канцеларија во Македонија, а јас еве повторно решавам да се бранам сам затоа што веројатно онаму каде што е вистината нема потреба од адвокати, а онаму каде што не е вистината има потреба од скапи адвокати“, изјави Николоски и додаде дека се надева оти во овој судски процес ќе ја докаже вистинитоста на неговата изјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.