Спасовски: Кривична пријава и суспензија за полицаецот кој претепа Ром во Битола

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички стандарди и професионални истраги во МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања  против П.Г., полициски службеник вработен во СВР Битола поради малтретирање во вршење на служба предвидено во чл. 143 од Кривичниот законик поради неоснована употреба на физичка сила врз Ј.Н. од Битола, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

Против полицискиот службеник е поведена постапка за утврдување дисциплинска одговорност и суспензија од работното место. И против полицискиот службеник К.Г. кој непосредно бил присутен на местото на настанот и не преземал мерки за спречување на неоснованата употреба на физичка сила е поведена дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место.

„Министерството за внатрешни работи остро осудува каков било случај на насилство, особено кога тоа го направил полициски службеник и тоа строго се санкционира. Ниту еден ваков чин не може да се оправда! Министерството за внатрешни работи вложува многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и покажавме дека нема да дозволиме, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна. Нашата цел е полиција која ќе биде во служба на граѓаните, која ќе биде во функција на нивна поголема безбедност“, рече Спасовски.

Но, додаде министерот, мораме да кажеме дека за жал сме сведоци и на сè позачестени напади врз полициските службеници.

„Очигледно е дека зголеменото присуство на полицијата на терен и јасната порака дека влегуваме во пресметка со криминалот предизвикува реакција кај криминалците. Таков е и случајот со дрвокрадците во Велешко кои вчера нападнаа петмина полициски службеници, од кои еден наш колега со сериозни повреди е во клиничкиот центар во Скопје. Заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски го посетивме нашиот колега во клиничкиот центар и се надеваме дека и тој и другите четворица колеги што побрзо ќе закрепнат и повторно ќе се вратат да им служат на граѓаните. Да бидеме јасни и никој да нема дилема. Секој кој ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат. Ние веќе имаме приведени лица, продолжуваме со претреси и дополнителни активности и јасно порачуваме дека овие насилници ќе одговараат. Очекувам и брза постапка и на Јавното обвинителство, без калкулации! Заедно да придонесеме насилниците да одговараат. А ние како Министерство за внатрешни работи во наредниот период уште поинтензивно влегуваме во пресметка со криминалот“, рече министерот Спасовски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.