Меѓународна недела на глуви лица: Со знаковен јазик, сите се вклучени!

Меѓународната недела на глуви лица е иницијатива на Светската федерација на глуви, која за прв пат е иницирана во Рим, Италија во 1985 година, со цел да се подигне свеста за правата на глувите лица и да се признае употребата на знаковните јазици во сите аспекти од општествениот живот.

Здружението „Млад знак" (https://www.facebook.com/mzgnMLADZNAK) изминатата недела ги информираше граѓаните на различни теми поврзани со глувите лица и нивната култура.

Според податоците на Светската федерација на глуви, во светот живеат околу 72 милиони глуви лица. Oсновното сретство за комуникација на глувите лица е знаковниот јазик, тој нивниот природен, мајчин јазик.

За глувите лица во Македонија, пристапот до македонскиот знаковен јазик е клучен за надминување на комуникациските бариери и учество во општеството на еднаква основа со сите останати. Владите треба да обезбедат пристап до професионално толкување на знаковниот јазик, од страна на сертифицирани толкувачи на македонски знаковен јазик, при користење на јавни услуги како што се здравствената заштита, образованието или правосудниот систем.

Митови за глувите лица и нивната култура

1. Глувите лица можат да комуницираат преку читање на говорот од уста.

Многу луѓе мислат дека глувите лица лесно можат комуницираат преку читање на говорот од уста, без користење на знаковен јазик. Вистина е дека читањето на говорот од уста е вештина која е многу значајна за глувите лица, меѓутоа истражувањата покажуваат дека многу мал дел од јазикот може да се разбере само преку читање на говорот од уста, без употреба на знаковен јазик истовремено.

2. Знаковниот јазик е универзален.

Сите глуви лица во светот се разбираат и комуницираат на еден знаковен јазик. Знаковниот јазик не е унверзален. Во светот постојат повеќе од 300 различни знаковни јазици, кои се целосно природни јазици иако се структурно различни од говорните јазици.

Во Македонија глувите лица за комуникација го користат македонскиот знаковен јазик. Исто така, постои интернационален знаковен јазик, кој го користат глувите лица на меѓународни состаноци и неформално, кога патуваат и се дружат со глуви лица надвор од нивната земја.

3.Доколку глувите деца го изучуваат знаковниот јазик од најмала возраст, тоа ќе го попречи развојот на говорот.

95% од глувите деца се раѓаат во семејства во кои родителите и останатите членови на семејството слушаат. Најголем дел од овие деца многу доцна или воопшто не се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да го совладаaт јазикот. Изучувањето на знаковниот јазик не го попречува развојот на говорот, знаковниот јазик може да се користи истовремено со говорот. Истражувањата покажуваат дека доколку глувите деца го изучуваат знаковниот јазик веднаш по откривањето на оштетувањето на слухот, тоа помога во развојот на јазикот и збогатување на вокабуларот. Тоа ќе ја олесни комуникацијата помеѓу членовите на семејството и ќе им овозможи на децата полесно да ги искажат своите потреби и мислења, да напредуваат и да се развиваат.

Нешто што е помалку познато е тоа дека знаковниот јазик, со мало прилагодување, може да биде одлична алатка за подобрување на

комуникацијата и кај лицата со аутизам. Нашето здружение во изминатиот период соработуваше со здружението „Сина Светулка” во изработка на видеа со поими од македонскиот знаковен јазик, кои беа прилагодени на едноставен знаковен јазик и се наменети за семејствата на деца со аутизам и стручните лица кои работат со оваа популација. Како што посочуваат од здружението „Сина светулка” истражувањата покажуваат дека децата и лицата со аутизам кои немаат развиен говор, можат да научат да комуницираат со употреба на едноставен знаковен јазик. Предноста на знаковниот јазик е тоа што претставува визуелно поттикнување за изговорениот збор, овозможува комуникацијата да се случува брзо и децата полесно ќе ги искажат своите потреби и мислења, а тоа ќе го намали предизвикувачкото однесување и ќе ги зголеми можностите за социјална интеракција на децата со аутизам. Видеата заедно со други ресурси за работа со деца со аутизам се достапни на https://sinasvetulka.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.