Посебни паркинг места за трудници и за семејствата со деца до тригодишна возраст во Скопје и Велес

На неколку локации  во Скопје и во Велес се обезбедени паркинг места наменети за бремените жени и за семејствата со деца до тригодишна возраст, во рамки на проектот „Безбедни семејни паркинг зони“.

„Сметам дека со реализацијата на овој проект, насочен кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, навлеговме во сржта на наједноставните, но неизмерно важни потреби на одредени категории наши сограѓани. Во овој случај, тоа се бремените жени и семејствата со деца до тригодишна возраст за кои обезбедивме законски, но и реални услови за поставување соодветни паркинг-места наменети исклучиво за нив. Тие паркинг-места се утврдени на најповолните локации што им се потребни на овие граѓани и тоа пред здравствени установи, одредени центри за пазарење, како и пред јавни објекти кои првенствено се наменети за најмладите. Водевме грижа, овие паркинг-места да бидат поставени и на најсоодветните места, односно при влез-излез на самата паркинг зона, а и просторот за паркирање е поголем од вообичаениот и поудобен за потребното маневрирање на родителите или трудниците“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Засега, додаде тој, вакви „безбедни зони за паркирање“ за бремените жени и за родителите на деца до тригодишна возраст, се обезбедени во општините Центар, Чаир и Велес, во станиците за технички преглед на АМСМ, но и во речиси 12 зони за паркирање на јавното претпријатие „Градски паркинг“.

„Ќе издвојам неколку локации - во Клиничкиот центар, за Клиниката за гинекологија и акушерство каде што имаме обележани четири вакви паркинг-места. Пред болницата „8.Септември“ имаме уште три, а исто толку обезбедивме и пред Зоолошката градина. Или, во рамките на „Градски паркинг“ засега имаме вкупно 27 вакви паркинг-места. Лично се залагам оваа бројка во иднина значително да ја зголемиме. Воедно работиме и на зголемување на бројот на обележани паркинг-места и за лицата со посебни потреби. Засега, проектот е малку повеќе сконцентриран во Градот Скопје, со оглед на зголемениот сообраќај и недостигот од паркинг-места. Но, многу скоро истото ќе се реализира и во други општини, како Охрид, Велес, Битола, Тетово, Штип, Куманово, односно во поголемите градови каде што учесниците во сообраќајот се соочуваат со истиот недостиг од паркинг-места“, најави Шилегов.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.