Илјадници ученици и денес не можат да се приклучат за онлајн учење, Царовска повикува на трпение

Фијаско и на генералната проба, националната платформа за онлајн учење и денес паѓа Илјадници ученици, наставници и родители и утрово не можеа да се приклучат на националната платформа за онлајн на закажаната генерална проба.

Требаше да се приклучат и основните и средните училишта, но сите обиди завршија со објаснување дека се работи на одржување на платформата или дека се појавила грешка.

„Ова е фијаско. На само еден ден пред почетокот на школската година и децата и наставниците немаат претстава како би личело работењето на неа“, коментираат родителите на социјалните мрежи, а има такви кои го повикуваат господ на помош.

По речиси еден час обиди дел од учениците успеаја да се приклучат, па кажаа дека платформата е празна, нема ставено содржини, а дел од наставниците се пожалија пак дека немаат интернет во школите, од каде што треба да се приклучат на платформата, па тестирањето се сведе само на обиди за приклучување. Министерката за образование Мила Царовска и денес повика на трпение и кај учениците и кај наставниците. Таа очекува во првите две недели да има проблеми со влегувањето на платформата, со вклучувањето на учениците, но верува дека проблемите ќе бидат надминати.

„ Дајте да дадеме поддршка на процесот. За првпат се случува и за ФИНКИ како факултет, и за Министерството за образование и за локалните самоуправи, а што е најважни и за наставниците. Тие лани поминаа еден похаотичен период па научија нови дигитални алатки. Сега малку поорганизирано Оваа платформа ја градиме за да ни трае во наредните дваесет, педесет години, да се надградува, да расте. И ќе биде тешко, нема да биде лесно и многу предизвици ќе има, но јас сум сигурна дека ќе ја поминеме годината ако сите веруваме дека децата треба да имаат стимулирање и да имаат информации кои тековно ќе ги добиваат секој ден, и да си го гледаат наставникот. Затоа што тоа е двонасочна комуникација што дава грижа“, рече министерката Царовска при посетата на ОУ „Даме Крапчев“ во Општина Гази Баба.

Таа уште еднаш објасни дека за работа на платформата не се потребни уреди со некои посебни перформанси и дека таа работи и на телефон и на таблет и на најслабиот компјутер.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.