Народен правобранител: На училиште или од дома, образованието мора да му биде достапно на секое дете

Имајќи го предвид значењето на образованието за правилниот развој на детето и изградбата на неговата личност, Народниот правобранител во пресрет на почетокот на новата учебна година потсетува дека училиштето несомнено е најважно место каде што децата стекнуваат знаења и вештини, место за нови пријателства, социјализирање, но и остварување на правата на детето.

Без оглед на тоа што пандемијата од Ковид 19 на голем број деца ќе им ја ограничи оваа можност принудувајќи ги на образование, односно учење од далечина, Народниот правобранител укажува на обврската да се почитуваат децата, нивните права и да се преземат сите мерки со цел обезбедување на услови за непречено образование за секое дете, почитувајќи го најдобриот интерес на децата, заштитата на здравјето и нивната благосостојба.

Во училиште или од дома, образованието мора да му биде достапно на секое дете. Со оглед на фактот што оваа учебна година наставата за прв пат ќе се одвива на нов начин – со физичко присуство, а за најголем дел од учениците преку учење од далечина, Народниот правобранител укажува сите чинители, секој од свој аспект да ги преземат неопходните мерки за непречено одвивање на образовниот процес. Исто така, овој нов начин на спроведување на образовниот процес бара помош и поддршка на семејствата за надминување на евентуалните проблеми кои би го попречувале редовното следење на наставниот процес.

Од друга страна, надлежните, без исклучок треба да водат сметка дали направените адаптации во училиштето се соодветни и обезбедуваат заштита на децата од безбедносен и здравствен аспект. Народниот правобртанител апелира, доколку има потреба од дополнителни мерки (ресурси) и прилагодувања со цел функционирање на образовните установи во вакви услови, редовно и благовремено да ги известат основачите, а локалните самоуправи, заедно со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат максимална поддршка, затоа што за безбедно, непречено и квалитетно образование на децата не треба да се штеди.

Почитувајќи го правото на избор на родителите и на децата од повисоките одделенија и класови за начинот на образование во оваа учебна година, Народниот правобранител потсетува да не се занемари фактот дека состојбата со коронавирусот се уште не е надмината. Тоа нѐ обврзува будно да се следи начинот на примена на мерките и протоколите, посебно заради заштита на најранливите групи - децата со попреченост и оние со здравствени проблеми.

Народниот правобранител укажува дека покрај децата, поддршка им е потребна и на родителите на учениците, и во таа насока мора да се воспостави и одржува ефикасна и кооперативна комуникација со училиштето.

Следењето настава во училиште со почитување на епидемиолошките мерки несомнено од сите ќе бара трпеливост, поради што Народниот правобранител ги повикува родителите да ги следат упатствата на училиштето и да се почитуваат мерките и протоколите од страна на сите, а евентуалните проблеми да се решаваат во соработка со наставниците, односно со училиштето и другите субјекти одговорни за образовниот процес.

Народниот правобранител во оваа прилика укажува и на важноста на улогата на медиумите и нивно објективно информирање, со што ќе придонесат новиот начин на образование да ги даде очекуваните резултати во насока на заштита на правата и најдобриот интерес на детето.

Народниот правобранител на сите ученици, родители и наставници им посакува успешна учебна година, посебно на првачињата кои за првпат ќе го пречекорат училишниот праг, апелирајќи до семејствата, наставниците и сите други да помогнат учебната година да ја започнат во добро расположение, со чувство на безбедност и обезбедена поддршка за справување со новите предизвици, потсетувајќи, притоа дека институцијата Народен правобранител е секогаш достапна за заштита на нивните права.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.