ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара да се повлече Законот за попис

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара да се повлече Законот за попис и спроведување дебата во целата држава.

Спроведувањето на пописот мора да се темели на постигнат консензус од сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до успешно спроведена статистичка операција во која што ќе имаат доверба сите граѓани на Република Македонија, изјави Дафина Стојаноска пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„После очигледната злоупотреба на европското знаменце, одбивањето на сите конструктивни амандмани на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, власта продолжува со своето самоволие, нетранспарентност и арогантност да спроведува штетни решенија за државата и граѓаните.

Ние, пратениците во Собранието на Република Македонија сме бирани од страна на граѓаните и треба да ги браниме интересите на граѓаните и токму затоа ги повикуваме граѓаните на мобилизација, заедно да поднесеме иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог закон кој што ќе биде доставен во Собранието и за поништување на овој закон кој што по насилен пат, планира парламентарното мнозинство да го донесе.

Република Македонија треба да спроведе попис кој што ќе ги содржи препораките на Евростат и регулативите на Европскиот парламент како и препораките и стандардите на Обединетите нации и затоа како земја која што треба да започне преговори со Европската Унија не смееме да си дозволиме експерименти кои што очигледно се само коалициски пазарења.

Граѓаните уште сега кога не е донесен ниту законот за попис немаат доверба во оваа операција и затоа ние како пратеници имаме должност и обврска да направиме се за овој процес да запре и да започне одново и консензуално да покажеме дека сепак за битни прашања знаеме и можеме да носиме исправни одлуки.

Апелираме до пратениците од парламентарното мнозинство да се издигнат над ситуацијата и како приоритет да ги стават интересите на Република македонија и граѓаните, а не нивните партиски интереси“ порача Стојаноска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.