Камбовски: Tреба да се вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои историја, физика и хемија

Академик Владо Камбовски на денешната дебата за реформата на основното образование ја поздрави идејата за вклучување на МАНУ во расправата како највисока научна и уметничка институција чија задача е токму да ги развива образованието и науката.

Тој нагласи дека средиште на концепцијата е курикуларната реформа, односно реформата на наставниот план по што треба да следуват и наставни програми.

„Во рамките на оние осум подрачја што ги одредува овој материјал како темелни вредности или цели на системот на образованието, треба да се вклучи една листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја, и физика и хемија, оние што сега се во тој материјал групирани како модули на некој заеднички предмет, општествени или природни науки“, рече академик Камбовски.

Тој укажа дека академиците имаат конкретни сугестии за подобрување на концептот.

„Очекуваме по усвојувањето на овој концепт, да бидат преземени и следните чекори: да биде подготвен наставниот план за основното образование, следен чекор е подготовка на наставни програми за секоја година на деветтолетката и националните образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието, стекнатите компетенции и оценувањето на учениците за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега и преку меѓународни мерења се оценува како исклучително низок“, нагласи Камбовски.

Тој ја поздрави дебатата за образовната реформа и нагласи дека досега немало вакви дискусии, а се случувале значајни промени.

„Нормално е да се појават разни гледишта за подготвениот материјал, но заживеа расправата за овој најважен елемент на општествените реформи, а тоа е системот на образование, овој пат основното образование, но очекуваме дека тие расправи ќе продолжат и во однос на другите степени, предучилишното, средното и, конечно, реализација на реформата во високото образование“, посочи академикот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.