(Видео) Милошоски: Што разговарале Заев и шефот на турската наркомафија во домот на премиeрот?

Лично Седет Пекер, шефот на турската нарко-мафија, кој е меѓу лицата што добиле македонска патна исправа пред два дена кажа дека го познава македонскиот премиер, дека се пријатели и дека бил кај него дома, посочи на денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Притоа тој истакна дека сега се поставува прашање што крие Заев од јавноста и што треба јавноста да знае за неговата релација со Седат Пекер, за кој рече дека во Македонија престојувал цели 3 месеци и се движел со полициска придружба.

„Нашето прашање до Заев е следново - Кога имал средба со Седат Пекер надвор од Скопје? Второто прашање до Заев е колку од неговите советници во неговиот кабинет оствариле средба со Седат Пекер? И нашето трето прашање е со кои високи функционери од МВР во октомври 2020 година, Седат Пекер имал средба во хотелот 'Буши' за што е известена и Агенцијата за национална безбедност?“, јавно запраша Милошоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти овие три прашања Заев мора да ги одговори за да се расчисти, како што рече, ситуацијата околу тоа кој дал налог за издавање на 214 пасоши на нарко-босови од регионот кои што се барани со меѓународни потерници.

Милошоски истакна и дека единствената точка која што ги поврзува Седат Пекер и Зоран Заев се наркотиците.

„Дали можеби марихуаната била предмет на разговори помеѓу Заев и Пекер или можеби разговори се воделе за можни инвестиции на Седат Пекер во угостителскиот и трговско-туристичкиот сектор на Македонија?

Сметаме дека Зоран Заев е човекот кој што знаел зошто Седат Пекер кога бил уапсен не бил протеран во Турција, каде државата има објавено потерница, а исто така и Интерпол, туку бил екстрадиран во соседно Косово.

Очекуваме ЈО да отвори истрага по овој предмет, да го повика лично и Зоран Заев на разговор, но да повика и неколку советници од кабинетот на Заев кои што оствариле лично средби со мафијашот Седат Пекер изминатите неколку месеци“, кажа Милошоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.