Втората парада на гордоста во Скопје ќе се одржи во сабота под слоганот „Вон ѕидовите!“

Втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни 2021 (сабота), во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ). Рутата на Прајдот, како и други организациски детали, ќе бидат дополнително споделени со јавноста во текот на идната недела.

Оваа година Парадата на гордоста повторно се враќа на улиците, во физичкиот јавен простор. После првата парада во 2019 година, пандемијата, минатогодишните настани за одбележување на Месецот на гордостасе одржаа онлајн.

Слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“, поради тоа што, како што велат организаторите на парадата, ЛГБТИ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори.

Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на заедницата, слоганот „Вон ѕидовите!“ е посветен на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата.

„Слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба“, додаваат организаторите на настанот.

Воедно, парадата испраќа порака дека место под сонцето има за секого; таа е и протест и прослава, и болка и радост, и врисок и мелодија. Да останеме свои и да ги поддржиме оние кои тоа засега не го можат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.