Најголема битка е да ве задржиме дома, им порача Димитров на младите

Во организација на Американското катче - Битола, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска имаше виртуелна средба во форма на градско собрание (Youth Town Hall) со младите од регионот на Битола и Струга, наменета за воспоставување транспарентен разговор на теми поврзани со Европската Унија и пристапувањето на Северна Македонија.

Вицепремиерот Димитров им порача на младите луѓе дека тие се иднината на државата поради што треба да бидат активно вклучени во општествените процеси и креирањето политики во областите што се од нивен и општ интерес.

„Нашето будење како општество почна токму со вашето барање за подобро образование и иднина во нашата земја. Нашата најголема битка е да ве задржиме вас младите дома и затоа се определив да работам на тоа да ја направиме нашата земја европска, да овозможиме европски стил на живеење дома наместо нашите млади луѓе да заминуваат во странство. Тој процес е како градење куќа - со членството во НАТО ги осигуривме темелите, со пристапувањето кон ЕУ сакаме да си го уредиме домот внатре, да ги пренесеме европските вредности и стандарди и да створиме општество еднакво за сите“, рече Димитров.

Тој зборуваше за процесот на пристапување кон Европската Унија, придобивките и предизвиците што ги носи членството, а се осврна и на актуелните прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија. На заинтересираните еврооптимисти им ги претстави програмите за млади и нагласи дека со членството во ЕУ се зголемуваат можностите за работа и образование за младите надвор од сопствената држава, но истакна дека со процесот на европеизација би се намалиле причините поради кои младите ја напуштаат државата.

„Мојата генерација има обврска да обезбеди подобар почеток за идните генерации, што подразбира мир и стабилност на државата, вработување засновано на способности и квалитети, правда во судниците, компетентно образование, опремени болници, чисти воздух и езера. Членството во ЕУ е двонасочна улица - ви овозможува многу повеќе можности за живот надвор, но нашата мисија низ тој процес е да имате повеќе причини да останете дома затоа што и тука ќе имате исти правила и квалитет на живот“, истакна тој.

Младите луѓе на настанот покажаа голем интерес за европското досие на Северна Македонија и начинот на функционирање на Европската Унија, но и желба за придонес кон овие процеси, информираат од кабинетот на Димитров.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.