Груевски ќе развива бизнис во Унгарија, на 15 јули регистрирал фирма со широк опсег на дејности

Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта, три години по бегството од Македонија.

Информацијата ја објави и унгарскиот портал „24“, при што се наведува дека фирмата била регистрирана во гратчето Пецел на 15 јули.

Експремиерот е наведен како сопственик и директор на Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.). сместено во куќа на улицата Бошкаји број 9 во Пецел.

Според документите објавени во унгарскиот Централен регистар на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис.

Од увидот во документите до кои дошла редакцијата на Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

Така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење, трговија на големо со храна, пијалоци и тутун, како и со други разновидни стоки.

Груевски планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ги проба вештините и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавното мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби.

Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела поранешниот премиер 8.350 евра.

Груевски одлучил да не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта, а како втора адреса за комуникација е наведена онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.