Пендаровски во Малме се сретна со шведскиот премиер

Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на работната посета на Шведска, денеска во Малме оствари средба со премиерот Стефан Лофвен, кој беше и домаќин на меѓународниот форум REMEMBER - REACT („Запомни - Реагирај“).

Двајцата соговорници на средбата разговарале за актуелниот контекст во однос на очекуваниот почеток на преговорите за членство на нашата земја во Европската Унија.

Пендаровски ја истакнал посветеноста на државата кон реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото и го повторил ставот дека натамошното одложување на процесот на проширување ќе има долгорочни негативни последици за развојот и стабилноста на регионот.

Во таа насока изразил очекување за продолжување на шведската поддршка за нашиот евроинтегративен пат.

Претседателот истакнал и дека Северна Македонија високо ја цени континуираната поддршка од Шведска за јакнење на капацитетите на македонските институции, особено во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина.

Истовремено, изразил благодарност за поддршката што нашата држава ја добива преку програмите на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА) во повеќе области.

На средбата претседателот Пендаровски и премиерот Лофвен дискутирале и за билатералните односи меѓу двете држави и било оценето дека Република Северна Македонија и Кралството Шведска се посветени на натамошно динамизирање на политичкиот дијалог.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.