Ученици од 364 основни и 109 средни училишта треба да бидат тестирани на Ковид-19

Во рамките на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средните училишта, Министерството за здравство ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во рамките на 80 општини и градот Скопје.

Како што информираат од Министерството, по претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе почнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта во државата.

Собирањето согласности за тестирање на учениците во училиштата почнува oд денеска и надлежните апелираат родителите да го поддржат процесот.

„Министерството за здравство скринингот во училиштата ќе го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето. Тестирањето трае помалку од една минута, тоа е безболно и безбедно и е како секое земање брис од грло или носна шуплина“, се наведува во соопштението.

Од Министерството нагласуваат дека скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на Ковид-19, односно дали тој се шири во училиштата и каква е трансмисијата.

Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово - 546, Куманово - 489, Битола - 378, Прилеп - 309 и Гостивар - 296.

А во рамките на училиштата на општините и градот Скопје скринингот ќе опфати 766 ученици.

Министерството за здравство апелира до родителите и старателите да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на Ковид-19 во училиштата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.