Почина Атанас Вангелов - книжевен научник, филолог, пратеник

Денес, во седумдесет и петтата година од животот почина проф. д-р Атанас Вангелов (1946-2021) – сестран филолог, книжевен научник, литературен теоретичар, критичар и есеист, повеќестран автор, поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, преведувач, публицист.

Бил истакнат општественик, амбасадор на Република Македонија во Република Унгарија, пратеник во Собранието на Република Македонија, пратеник во Советот на Европа, директор на Државниот архив на Македонија.

Бил декан и продекан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, раководител и долгогодишен универзитетски професор по предметот Теорија на книжевност на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Бил лектор и наставник по македонски јазик и литература на ИНАЛКО при Универзитетот „Сорбона‟ во Париз.

Бил претседател на Советот на „Струшките вечери на поезијата“ и член на Друштвото на писателите на Македонија.

Роден е во Богданци на 6 февруари 1946 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје, каде што магистрирал на тема „Артизмот и современата македонска литература“ и докторирал на тема „Семантичките фигури во македонската народна лирика“.

Автор е на книгите: Земјата на цветот (поезија, 1966), Препев на планината (поезија, 1970), Мистер Порфирие (телевизиска драма, 1971), Живеалиште (поезија, 1974), Глетки и привиденија (поезија, 1977), Песме/Песни (двојазичен избор, поезија, 1978), Артизмот и современата македонска поезија (студија, 1978), Преданија (поезија, 1978), Литературни студии (1981), Строго доверливо (поезија, 1985), Решето (критики, 1985), Неодредени лични заменки (драма, 1986), Семантички фигури во македонската народна лирика (студија, 1987), Траги (поезија, 1991), Преписите на Божин Павловски (студија, 1992), Traces (избор поезија на англиски, 1993), Микрочитања (критики, 1993), На безгласје глас (поема, 1994), Гласови, траги (избор поезија, 1995), Исказот и стварноста (критики, 1995), Водопад (избор поезија, 1998), Морфологија на бо(љ)шевизмот (студија, 1998), Pro et contra македонизми (колумни, 1998), Див занес (роман, 2002), Македонски писатели (I) (критики, 2004), Маките на Моцарт од Жван (студија, 2007), Изучување на молкот (избор поезија, 2008), Looking for dogwood (избор поезија на англиски, 2010), Деспот Караѓоз (студија, 2010), Studying the silence (избор поезија на англиски, 2011), Неодређене личне заменице (драма, превод на српски, 2012), Деспот Кољ (драма, 2020), Лирската биографија на Конески (студија, 2020) и Филолошката критика на Конески (студија, 2021).

Добитник е на наградите: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“ (два пати), „Златно перо“, „Григор Прличев“, „11 Октомври”.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.