(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара оставки на Спасовски и Бочварски и вонредна контрола на сите автобуси во државата

По големата трагедија во која животот го загубија 44 патници од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и оставки на Спасовски и Бочварски.

На денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Миле Лефков изрази жалење за несреќата и сочуство до семејствата на загинатите.

 

 

„Сосема свесно цели три дена, додека траеа прогласените денови на жалост, не излегувавме со оценки во јавноста, со цел истите да не бидат сфатени како внесување на политика во целиот овој процес. Ние ќе продолжиме така и да се однесуваме, но воедно нема да премолчиме за очигледните пропусти, недоречености и барањето на одговорност за страшната несреќа." изјави Лефков.

Според него трагичната несреќа меѓу другото е последица на немањето на функционален систем за превенција на вакви несреќи, корумпираноста на истиот и злоупотребите кои се прават со знаење на челните луѓе на одговорните министерства.

„Доколку не се извлечат поуки од една страшна несреќа, како што беше на пример несреќата во Ласкарци, каде 16 луѓе ги загубија животот, се случува уште една друга несреќа како што е горењето на модуларната болница во Тетово каде животот го загубија 14 други наши сограѓани. Немањето на функционален систем не доведе до уште една трагична несреќа во Бугарија." изјави Лефков.

Тој додаде дека овие три дена сме сведоци на префрлањето на одговорност од МВР на Инспекторатот за транспорт воден од Руфат Хусеини кој доаѓа од Зајас, па тој Инспекторат до Царината, за да на крај одговорноста спадне на некаков службеник од царината што значи дека и овој пат одговорност нема да има.

„Автобусот не бил регистриран во регистарот за возила за превоз што отвора сомнеж за минувањето на граница. Секоја несреќа или криминал во државава, Владата дозволува да заврши со одговорност на некој службеник." изјави Лефков.

Со цел решавање на проблемите и избегнување на уште некоја ваква или слична несреќа, ВМРО ДПМНЕ предложи Владата да превземе вонредни мерки: Вонреден технички преглед на сите патнички автобуси и средства за јавен траспорт на патници на трошок на државата. Да се провери во какви услови се превезуваат луѓето; Вонредна контрола на станиците за технички преглед, во поглед на условите и начинот на работа; Истрага за тоа како поминал автобусот на граница без да е впишан во регистарот на автобуси. Неприфатливо е префрлањето на одговорност царина—полиција-инспекторат; Јавно објавување на регистарот на автобуси и негов најнов апдејт; Во иднина сите автобуси постари од 8 години наместо 2 задолжителни технички прегледи годишно да имаат најмалку 3, а автобусите постари од 12 години да имаат 4.

Миле Лефков побара одговорност од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Додаде дека најмалку нешто што може да направат е поднесат оставки од морални причини.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.