Димитров за евроинтеграциите: Заеднички успех или заеднички пораз – тест за сите вклучени страни

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ), денес учествуваше на седницата за претставување на приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ, што започна на 1 јануари годинава.

Димитров се заблагодари за активниот придонес на Франција во процесот на проширување и конкретно пристапниот процес на Северна Македонија и подвлече дека стратешки императив за следните месеци треба да биде постигнувањето успех во македонското европско досие:

 

 

„На Европа ѝ треба лидерство и затоа мислам дека и ние како Европејци имаме среќа што имаме еден таков лидер и во Париз. Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западниот Балкан. Затоа, ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, за Северна Македонија, за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи нé и нас, нашите комшии, сите држави во регионот, и самата ЕУ. Затоа влогот во овој процес е огромен и се надевам дека најавениот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни, ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз, сите вклучени во овој процес“, нагласи вицепремиерот.

Агендата на француското претседателство беше претставена од страна на амбасадорот Сирил Бомгартнер, посочувајќи дека Франција во јуни ќе организира голема конференција за Западниот Балкан и ја реафирмираше посветеноста за заслужен напредок на Северна Македонија кон ЕУ.

„Јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата, за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побрзо и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок кој сите го очекуваат“, истакна тој.

Бомгарнер ја искористи приликата за да упати официјална и лична благодарност за улогата на вицепремиерот Димитров во евроинтегративниот процес и во унапредувањето на односите помеѓу двете земји, што придонеле за обезбедување на силна француска поддршка за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.