Лекарската комора бара промени на казнената регулатива на Фондот

Лекарската комора остро реагира на наплатата на изречените казни за матичните лекари од страна на Фондот за здравствено осигурување. Оттаму велат дека докторите од примарното здравство се исцрпени од борбата со пандемијата.

Реакцијата на Лекарската комора се однесува на казните што се изречени за административни пропусти во работењето и не се поврзани со пропусти во лекувањето.

 

 

„ Матичните лекари се првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и тие треба да се мотивирани и да имаат механизми здравствените проблеми на болните да ги решаваат брзо и ефикасно на примарно ниво, а не да ги проследуваат пациентите непотребно до другите нивоа на здравствениот систем, што се наметнува поради некои важечки прописи како што е режимот за препишување лекови. Имено, матичните доктори во местата каде што нема специјалисти по одредени специјалности, лековите за хронична терапија кои требале да бидат препишани врз основа на претходна препорака, односно медицински извештај од одреден специјалист, ги препишувале врз основ на медицински извештаи од специјалисти кои согласно режимот на препишување лекови немале право да ги препишуваат. Ова се правело со цел да излезат во пресрет на потребите на пациентите“, се вели во реакцијата.

На докторот, како што додаваат, приоритет му е обезбедување континуитет во лекувањето на пациентите, а здравствената регулатива треба да биде во функција на овој приоритет.

„Лекарите се исцрпени од зголемениот интензитет на работа, но опстојувањето на нивните ординации од финансиски аспект е засегнато и со други негативни ефекти од кризата, како што е набавката на медицинска заштитна опрема која во целиот период на пандемијата е на нивен трошок, како и значително повисоките сметки за електрична енергија кои ги добиваат поради енергетската криза.

Препознавајќи ја тежината на проблемот со кој се соочуваат матичните лекари, Лекарска комора неколку пати досега реагираше до Фондот за здравствено осигурување со барање за повлекување на казните и нивно ревидирање, како и промени на казнената регулатива на ФЗО. Потенцираме дека сега матичните лекари повеќе отколку кога било не се во состојба да ги поднесат овие трошоци“, велат од Лекарската комора.

Оттаму порачуваат дека во интерес на пациентите, здравствените работници и здравствениот систем е Фондот сериозно да постапи по овие реакции и во најкусо време да обезбеди решение кое е прифатливо за сите страни, бидејќи , како што појаснуваат, едностраното носење одлуки, без комуникација на договорните страни само ќе ги продлабочи проблемите кои постојат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.