УНИЦЕФ повикува на национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени

УНИЦЕФ е охрабрен од препораката на Комисијата за заразни болести да се отворат училиштата за настава со физичко присуство од 1 февруари и повикува на национална солидарност за безбедно продолжување на образованието со физичко присуство во текот на целата учебна година.

Секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата.

 

 

“Одлуката да се отворат училиштата за учење во живо е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката ситуација со КОВИД-19 и сѐ поголемото разбирање на ризиците. Но, исто така мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Училиштата се основен јавен сервис, место за академско учење од клучна важност во помагање на децата да ги развијат своите потенцијали. Затворањето на училиштата за физичка настава поради зголемена трансмисија на КОВИД19 во заедницата не би требало да биде прва реакција, туку тоа би требало да следи откако се исцрпени сите други алтернативи.”

Учењето на далечина е алернативна мерка која треба да се применува само како крајна мерка. Освен тоа, и покрај тоа што онлајн и дигиталните технологии го подобруваат искуството во учењето, долгорочно гледано тие не можат да ги заменат методите што ги користи наставникот за време на настава во живо, ниту пак можат да ги заменат дружењата со врсниците. Истражувањето со директорите, наставниците и родителите покажува дека учењето на далечина помогнало да се одржи процесот на учење кај децата, но сепак повеќе од половина наставници забележале зголемување во бројот на деца што се мачеле да го усвојат или не успеале да го усвојат она што им го предавале.

Покрај загубите во учење, затворањето на училиштата имаше негативно влијание врз менталното здравје на децата и го зголеми ризикот од насилство. Со примена на превентивни мерки училиштата докажаа дека се безбедно место за децата и не се главен двигател на ширење на инфекцијата во заедницата.

Се приближуваме кон крајот на втората година од пандемијата. Во тие две години прекините во образованието траеја подолго во споредба со ограничувањата наметнати на другите сектори во земјата. УНИЦЕФ повикува на национална солидарност со децата за отворени и безбедни училишта. Централната и локалната власт треба да ја зајакнат поддршката за училиштата со неопходни ресурси за да можат да ги применуваат докажаните превентивни мерки, да го надоместат пропуштеното учење и да воведат нови програми за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на децата.

УНИЦЕФ ја повикува јавноста да го исполни својот дел во спречување на ширење на вирусот во заедницата. “Сите ние мора да бидеме посвесни и подисциплинирани во следењето на мерките за превенција за да може КОВИД19 да остане надвор од училиштата. Треба да продолжиме со одговорно однесување, да носиме маска, да практикуваме хигиена на рацете, да одржуваме физичко растојание, да се вакцинираме против КОВИД19 доколку одговараме на условите за вакцинирање и да се тестираме и изолираме ако имаме симптоми,” рече Патриција ДиЏовани. “2022 година треба да биде година во која најдобриот интерес на децата и образованието ќе бидат национален приоритет и ќе имаат предимство.”





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.