All for Joomla All for Webmasters

Дигиталниот пазар - придобивка на современото живеење или закана за приватноста

Дигитален пазар

Минатата година продажбата преку интернет во светски рамки достигна 2,29 трилиони долари. Се проценува дека оваа бројка до 2021 година двојно ќе се зголеми и ќе изнесува најмалку 4,48 трилиони долари. 

 

Напредокот на технологијата овозможи со притиснување на само едно копче да се купуваат производи од која било страна на светот, но колку ваквиот начин е безбеден за потрошувачите? Дали можеби не е закана за нивните лични податоци и приватноста? 

 

Според анализите на Светската организација на потрошувачи, само половина од корисниците кои купуваат на интернет знаат дека компаниите можат да ги продаваат нивните лични податоци или податоците да им бидат изгубени или украдени. 

 

Лани, од евидентираните он-лајн купувачи, скоро 70 отсто изразиле загриженост дека нивните дигитални плаќања не се безбедни, додека 49 проценти никогаш не купуваат електронски, зашто немаат доверба.

 

Во 2015 година, пак, повеќе од половина милијарда дигитални лични податоци биле изгубени или украдени, а повеќе од 30 земји се уште немаат закони против компјутерскиот криминал. најголем број од податоците биле украдени од трети лица со цел кражба на идентитетот на потрошувачот и целосно располагање со неговите финансии и имот.

 

Како до дигитален пазар на кој можеме да му веруваме?

 

- Дигитализацијата го промени потрошувачкото искуство. Новите видови услуги овозможија низа поволности и ги „размрдаа“ традиционалните пазари, но отворија и многу дилеми: Кои податоци при он-лајн купувањето се собираат за нас и дали сме задоволни од тоа како се користат и споделуваат? Како новите услуги донесуваат одлуки за нас и дали тие одлуки се фер? Поради ова, работиме на голем број проекти, а основната цел е да се осигураме дека правата на луѓето при електронските зделки се заштитени, велат од Огранизацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).

 

Претседателот на ОПМ Маријана Лончар Велкова смета дека подобар дигитален свет може да се создаде не само преку зголемување на сигурноста он-лајн, туку и преку зголемување на сигурноста на паметните уреди што ги користиме во секојдневието. 

 

Истражувањата покажуваат дека паметните телефони, смарт-телевизорите и паметните играчки за деца се само некои од производите кои ја доведуваат во прашање безбедноста на потрошувачите.

 

- Следењето на нашата приватност и нашите лични податоци станува предмет на голема дискусија како што расте продажбата. Софтверот во т.н. паметни и поврзани играчки како куклата Кејла, не им нуди заштита на семејствата. Преку нив може да ве гледаат дома, да ве снимаат и да ви даваат совети. Преку паметните часовници, пак, исто така, освен вас, децата може да ви ги следи и некој друг, укажува Лончар Велкова.

 

„Кејла“ беше претставена лани, а по предупредувањето на многу организации во светот поради ниското ниво на безбедност кое го нуди, беше забранета за продажба во одредени земји.

 

Новини кои ја вознемирија Европската потрошувачка организација

 

Откако „Кејла“ почна да рекламира и нуди предлози за оброци кај децата, чашата се прелеа. Реагираа многу здравствени организации најмногу зашто „оброците на 'Кејла'“ се всушност производи полни со шеќер кои, ако се консумираат во поголеми количини, лошо влијаат врз здравјето и развојот на најмалите.

 

- Како што одлично потенцираше претставникот на Норвешкиот совет на потрошувачи, нашите кампањи не се со цел запирање на развојот на модерната технологија и неупотреба на инвентивните гаџети, туку за покревање на свеста на потрошувачите дека безбедноста е на многу ниско ниво, а непознавањето на модерната технологија и нејзиното користење, може да имаат катастрофални последици, подвлекува Лончар.

 

Како што се покреваат стандардите за физичка и хемиска безбедност на детските играчки, така мора да работиме и на покревање на свеста на потрошувачите за дигиталната безбедност на производите.

 

- Од друга страна, производителите на овие уреди мора да воведат високи стандарди за безбедност, за потрошувачот да знае дека ќе можат тој и неговото дете да бидат безбедни, најмалку на исто ниво како што се безбедни кога користат непаметни играчки, истакнува претседателот на ОПМ.

 

Статистика

 

Во Македонија само 25 отсто од потрошувачите купуваат електронски, најмногу обувки, облека и текстил. 

 

Во Источна Европа за е-плаќање најмногу се користат дебитни и кредитни картички, како и трансакциски сметки. 

 

На глобално ниво, пак, кредитните картички се најкористен метод за плаќање. 

 

Според Светската организација на потрошувачи, користењето на мајчиниот јазик на потрошувачот придонесува за зголемување на продажбата на стоки и услуги он-лајн, па затоа се поголем број трговци користат алатки за преведување на нивните веб продавници на што повеќе јазици.

 

Овој тренд се почесто го користат и македонските трговци, чии веб-продавници се достапни на албански, турски и многу други јазици.

 

Анализите, исто така, покажуваат дека користењето на локалната валута има голема улога во одлуката дали потрошувачот ќе ги даде своите пари или не. 

 

Покрај порастот на он-лајн продажбата меѓу потрошувачите и бизнисите, значително поголем процент бележи бизнисот со продажбата, која се повеќе расте. Потребно е да се воочи и фактот дека економиите на развиените земји од Северна Америка и Европа, кои досега беа лидери на он-лајн пазарот, имаат намалениот обем на продажба за сметка на значително зголемениот обем на продажба на земјите од Азискиот континент, кои континуирано се во пораст, велат од Организацијата на потроѓувачи на Македонија.

 

Мирјана Чакарова

Извор: МИА

   

Забрането е превземање или копирање на авторски содржини (текстови,фотографии,видеа) без претходна писмена согласнот од МТМ ТВ. Доколку сметате дека вашето авторско право е повредено, ве молиме контактирајте не на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
       

© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.