Кралицата Елизабета бара изводливо решение по заминувањето на Хари и Меган

Војвотката од Сасекс, сопругата на принцот Хари, Меган Маркл веќе отпатува за Канада а во монархијата сè уште трае дискусијата за улогите што таа и Хари ќе ги имаат во кралското семејство.

Ова следи по вестите дека кралицата Елизабета Втора, принцот Чарлс и принцот Вилијам бараат решение за ситуацијата што настана по ненадејната одлука на Хари и Меган да се повлечат од „високите“ кралски должности.

Кралското семејство наводно е „повредено“ од таквата одлука.

Извори од кралската палата изјавија за Би-Би-Си дека принцот Хари и Меган Маркл не консултирале никого пред да го објават соопштението дека се повлекуваат од кралските должности.

Во тоа соопштение, објавено во средата, Хари и Меган наведуваат дека се повлекуваат од позицијата „високи“ кралски должности и дека ќе станат финансиски независни.

Тие планираат да поминат доста време на релација Велика Британија-Северна Америка, но ќе продолжат да ги почитуваат должнотите кон кралицата, Комонвелтот и сите под нивно покровителство.

Дописник на британски Би-Би-Си за кралската фамилија, Николас Вичел, вели дека кралицата е во контакт со принцот од Велс (Чарлс) и војводата од Кембриџ (Вилијам). Тие побарале од своите тимови  да одржат средби со Сасексови и со претставници на владата за да се изнајде решение.

„Ја разбираме нивната желба за поинаков пристап, но сепак ова се комплицирани прашања и потрбно е време за решение,“ соопшти Бакингемската палата во средата.

И покрај одлуката, Хари останува шести во линијата за наследство на британскиот трон.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.