Пласидо Доминго: Моето извинување остави лажен впечаток

Оперскиот пејач Пласидо Доминго во четвртокот ретерираше за јавното извинување што го објави пред два дена во врска со обвиненијата за сексуално вознемирување и дискриминација откако изјавата предизвика несакани реакции и откажувања во Шпанија.

Доминго, кој се соочува со повеќе обвиненија за сексуално вознемирување, во вторникот се извини за „повредата“ што им ја предизвикал на жените што го обвинуваат, велејќи дека прифаќа целосна одговорност за своите постапки.

Но, шпанската мегаѕвезда во четвртокот тврдеше дека неговите зборови биле погрешно протолкувани.

„Чувствувам дека треба да објавам друго соопштение за да го поправам погрешниот впечаток создаден од моето извинување,“ рече славниот баритон кој во претходната изјава изрази жалење без да потврди конкретно ниту едно од наводите.

79-годишниот маестро, кој беше директор и диригент во некои од најпрестижните светски оперски куќи, е обвинет од најмалку 20 жени за насилно бакнување, допирање и непримерно однесување во периодот од 80-тите години.

Во четвртокот Доминго соопшти дека се повлекува од Ла Травијата во мадридскиот „Театро Реал“ и дека ќе го стори истото со која било театарска или оперска куќа „којашто би можела да има тешкотии“ со неговото присуство.

„Знам што не сум направил и повторно ќе негирам. Никогаш не сум се однесувал агресивно со никого и никогаш не сум направил ништо за да нарушам или попречувам нечија кариера“, вели тој.

Напротив, додава тој, во текот на петте децении во операта работел „да ја промовира кариерата на огромен број пејачи“.

„Моето извинување беше искрено и од дното на срцето кон сите колеги на кои сум им наштетил на кој било начин со нешто што сум рекол или направил. Како што сум покажал во многу наврати, никогаш немав намера да повредам или навредам некого “.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.