Стивен Спилберг лансира онлајн филмски клуб со Американскиот институт за филм

Во услови кога Соединетите држави се борат против пандемијата на Ковид-19 и кога граѓаните мора да останат дома за да го спречат ширењето на новиот коронавирус, легендарниот режисер ги здружи силите со Американскиот филмски институт (АФИ) за да претстави програма на филмови кои ќе можат да се гледаат повеќе пати за време на изолацијата.

„Волшебникот од Оз“ (оригинален наслов Wizard of Oz) е првиот филм на листата филмови по избор на Спилберг, режисерот на „И.Ти.“, симпатичниот вонземјанин кој ни го обележа детството и нè научи на пријателство и толеранција.

There's no place like home (Никаде не е како дома) - култната  реплика од филмот „Волшебникот од Оз“ никогаш досега немаше смисол како денес, во услови на глобална здравствена криза.

Со цел да ги охрабри Американците да седат дома, Стивен Спилберг, во соработка со АФИ го најави новиот проект – онлајн филмски клуб.

Секој ден ќе се прикажува по еден филм за љубителите на филмската класика  кои сега се принудени да останат во своите домови.

Проекциите ќе бидат пропратени со анегдоти, дискусии и архивски снимки.

Изборот на денот ќе го претстави селебрити личност со видео соопштение и познати реплики, со што ќе го најави од „Волшебникот од Оз“ - првиот од низата филмови што ќе следат.

Веб-страницата на Американскиот филмски институт ќе понуди различни платформи за стриминг, од кои некои ќе бидат достапни само во Соединетите Држави, а за сите тие ќе биде потребно некој вид плаќање за изнајмување или купување на прикажани филмови.

„Целта на АФИ е да живееме во свет на уметност над анксиозност,“ рече претседателот и извршен директор на АФИ, Боб Газале. „Чест ни е што го имаме Стивен Спилберг, најголемиот раскажувач на нашево време, да го води патот.“

Во 1995 година, Стивен Спилберг ја доби наградата за животно дело на Американскиот филмски институт за неговата извонредна кариера во филмот.

Седум негови филмови се вклучени во изборот на Американскиот филмски институт на 100-те најдобри филмови на сите времиња: „Ајкула“, „Блиски средби со третиот вид“, „Индијана Џонс: Крадците на изгубениот ковчег“, „И.Ти.“, „Пурпурната боја“, „Шиндлерова листа“ и „Спасувајќи го војникот Рајан“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.